07 ноември 2018

Спасовски: Хеликоптерите се ремонтирани, набавени се униформи за хеликоптерската единица

 Министерството за внатрешни работи по деветмесечниот ремонт ги презеде во целосно функционална состојба двете летала М-171 сопственост на македонската полиција, рече денеска министерот Оливер Спасовски при посетата на аеродромската база „Брест“ во Скопје.

Хеликоптерите беа ремонтирани од страна на рускиот државен акционерски холдинг “Хеликоптери на Русија“, кој што ги обединува сите сервисни центри во Русија, овластени за генерален ремонт на овој тип хеликоптери, а во согласност со упатствата и овластувањата на производителот.   

Примопредавање на хеликоптерите со сите протоколи за прием и превземање на хеликоптерите по извршениот ремонт, се реализираше на крајот од минатиот месец, во сервисниот центар “Мома Станојловиќ “ - Белград, од страна на комисија на нашето министерство, составена од соодветни стручни лица.

-Следниот генерален ремонт е по летани 2000 часа или по минати осум календарски години. Претходно, во рамки на сеопфатните активности за материјално обезбедување и опремување на припадниците на полицијата, набавивме и нови униформи и делови од опрема за припадниците на хеликоптерската единица, нешто што не беше направено многу одамна- рече Спасовски.

Станува збор за летечки јакни, зимски виндјакни,  летечки комбинизони, маици и дуксери. Овие активности се во склоп на прецизно декларираните планови на Министерството за внатрешни работи за подобрување на условите за работа на сите полициски службеници во МВР, активности кои продолжуваат и во наредниот период.