10.07.2015

МВР објави јавен оглас за вработување на 652 извршители

 Министерството за внатрешни работи, согласно Законот за внатрешни работи и Законот за полиција распишува јавен оглас за вработување на 652 извршители. Практично, станува збор за два огласи за вработување на 600 извршители на работно место „Полицаец“ и 52 извршители за работа во Министерството за внатрешни работи со високо образование со VII/1 степен (четиригодишни студии) или најмалку 240 кредити ос соодветната обалст која се бара.

Поконкеретно, во однос на огласот за прием на полициски службеници, предвидено е најголемиот дел од нив да бидат распоредени на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје 435 извршители; потоа во ПСОН Битола 20 извршители; во ПСОН Ресен 5 извршители; во ПСОН Охрид 20 извршители; во ПСОН Струга 15 извршители; во ПСОН Дебар 15 извршители; во ПСОН Тетово 5 извршители; во ПСОН Гостивар 5 извршители; во ПСОН Велес 20 извршители; во ПСОН Куманово 20 извршители; во ПСОН Штип 5 извршители; во Струмица 10 и во Гевгелија 25 извршители.

Избраните кандидати ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука, а по завршување на основната обука ќе склучат договори за вработување.

Кандидатите за полицајци треба да бидат државјани на Р. Македонија; да се полнолетни, а да не наполниле 25 години ако за првпат заснова работен однос на работно место во Министерството за кое е предвидено средно образование; активно да го користат македонскиот јазик; со безбедносна проверка да се утврди дека не постои безбедносен ризик од нивно вработување; да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да се здравствено и психофизички способни и со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.

Во однос на посебните услови се бара висина од најмалку 175 см. (маж), односно 165 см. (жена) и висока лична физичка подготвеност.

Заинтересираните кандидати при конкурирањето во оригинал или копија заверена на нотар треба да достават извод од матична книга на родените, -диплома за завршено четиригодишно средно образование; доказ дека со правосилна пресуда не е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност и две фотографии, со димензии 3,5 см х 4,5 см.

Пријавата со потребната документација, кандидатите се должни да ја поднесат ЛИЧНО во едно од определените места за пријавување, и тоа: на подрачјето на СВР Скопје во Полициските станици од општа надлежност-Гази Баба, Бит Пазар и Карпош или во просториите на останатите сектори за внатрешни работи.
При поднесување на пријавата лицето треба да го наведе бројот на работно место за кое конкурира. Кандидатот е должен при поднесување на потребните документи, со себе да носи лична карта или пасош за идентификација.
Постапката за селекција на кандидатите ќе ја спроведува Комисија за избор на кандидат за полицаец формирана од страна на министерот и истата се спроведува во следните фази:
-Административна селекција на поднесената документација (утврдување на навременост и потполнетост на поднесената документација, како и исполнетост на пропишаните услови);
-Проверка на моторички способности (за мажи 60 стомачни, 55 склекови, трчање на 3200м за 13,30 минути и 10 згибови на вратило и за жени 60 стомачни, 27 склекови и 3200м за 16,30 минути, и други физички проверки определени од страна на Комисијата),
-Психолошки тест (проверка на интелектуалните и емоционалните способности)
-Писмено тестирање (општообразовен тест и изработка на есеј),
-Интервју (поединечен устен разговор со пријавеното лице),
-Безбедносна проверка и
-Здравствени прегледи (проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите).
Министерството ќе врши безбедносна проверка на пријавените лица врз основа на нивна претходна дадена на писмена согласност. Доколку лицето ја одбива безбедносната проверка, ќе се смета дека не ги исполнува условите за засновање на работен однос.
Здравствените прегледи во постапката за селекција за проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите се утврдуваат од страна на Здравствена комисија формирана од министерот.
При спроведување на селекцијата на пријавените лица им се овозможува под еднакви услови да ги демонстрираат своите способности, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, верско уверување, имотна и општествена положба.
По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец и на истата се упатуваат за 10% поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас.
По завршување на основната обука, МВР со кандидатот за полицаец кој ја завршил основната обука и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата склучува Договор за вработување.
Во однос на вториот оглас за вработување на 52 лица во Министерството, се бараат шест лица во кабинетот на министерот од кои 3 дипломирани правници и три дипломирани економисти, потоа три извршители со завршен Филолошки факултет - Катедра за англиски јазик и книжевност, насока-преведувачка во СЕКТОР ЗА ЕВРОПСКА УНИЈА И МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА. Во СЕКТОР ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ И ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР два извршители со завршен Правен факултет – студии по новинарство или студии по односи со јавност, во ОДДЕЛ ЗА ИНФОРМАТИКА И ТЕЛЕКОМУНИКАЦИИ осум извршители, од кои 4 со завршено високо образование од областа на информатичка технологија, електроника, телекомуникации, автоматика или вештачка интелигенција и 4 извршители со завршено високо образование, Електротехнички факултет од областа на телекомуникации и електроника.

Се предвидуваат места за четири извршители и во СЕКТОР ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ – СКОПЈЕ од кои 2 со завршено високо образование од областа на информатичка технологија, електроника, телекомуникации, автоматика или вештачка интелигенција и по еден дипломиран правник и дипломиран економист. Во останатите Сектори се предвидени места за 7 извршители со завршено високо образование - Правен факултет и 7 извршители со завршено високо образование - Економски факултет.
Заинтересираните кандидати исто така треба да бидат државјани на Р. Македонија, полнолетни, активно да го користи македонскиот јазик, да се здравствено и психофизички способни и со безбедносна проверка да е утврдено дека не постои безбедносен ризик од вработување.
Во однос на посебните услови треба да имаат познавање на англиски јазик (познавање на други светски јазици се смета за предност), за кандидатите кои ќе аплицираат за работните места во точка II, поседувањето на сертификат (печат) за овластен судски преведувач ќе се смета за предност, како и познавање на работа со компјутери
Кандидатите ќе треба да ги достават следните докази за исполнување на пропишаните услови за работното место, во оригинал или копија заверена на нотар: диплома и уверение за завршено високо образование, извод од матична книга на родените, сертификати и дипломи за завршени стручни курсеви и обуки и кратка биографија. Тие ќе може да ги поднесуваат документите на истите места како и кандидатите за полициски службеници

На подрачјето на град Скопје, во Бирото за јавна безбедност се врши прием и на 4 извршители со завршен Факултет за безбедност - дипломирани криминалисти, потоа уште 4 извршители со завршено високо образование од областа на информатичка технологија, електроника, телекомуникации, автоматика или вештачка интелигенција во ЦЕНТРАЛНИ ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБИ-СЕКТОР ЗА КОМПЈУТЕРСКИ КРИМИНАЛ И ДИГИТАЛНА ФОРЕНЗИКА. Во ОДДЕЛ ЗА КРИМИНАЛИСТИЧКА ТЕХНИКА -7 извршители, од кои: 2 извршители со завршен Природно математички факултет-Институт по хемија-дипломиран инженер по хемија, 2 извршители со завршен Природно математички факултет-Институт по физика-дипломиран инженер по физика, 3 извршители со завршен Машински факултет-дипломиран машински инженер - отсек моторни возила.
Овие кандидати во пријавата кандидатот е должен да ги наведе следните податоци:
-име и презиме, единствен матичен број на граѓанинот, датум и место на раѓање, адреса и место на живеење, припадност на заедницата
-последен степен на образование и стекнати дипломи, претходни степени на образование и стекнати дипломи (за кандидатите за магистратура и/или докторат), датуми на стекнување на дипломите, образовни институции кои ги издале,
-претходно работно искуство, детален опис доколку има работно искуство, името на работодавачот, позиција, опис на работно место, должина на работен стаж, адреса на работодавачот и причини за напуштање на работното место
-познавање на странски јазици
-познавање на работа со компјутерски програми
-причини за аплицирање на конкретното работно место и очекувања од работата и целите во кариерата

Во пријавата кандидатот задолжително да ја наведе позицијата на работното место за кое аплицира како и број за контакт.
Кон пријавата може да ги наведе причините за аплицирање, очекувањата од работата или целите во кариерата како и да приложи и други документи од негов интерес. Доколку кандидатот има претходно работно искуство или работен стаж кон пријавата може да приложи и извод од историјатот на вработувањата, издаден од Агенцијата за вработување; препораки од претходните работни места кои содржат податоци од лицето кое го препорачува; потврди за посетувани обуки, стручни сертификати од други стручни квалификации, трудови и публикации; меѓународно признати сертификати за познавање на еден од шесте официјални јазици на Организацијата на Обединетите нации; потврда за волонтерски стаж, издадена од волонтерскиот регистар на МТСП, а потпишана од раководно лице на институцијата во која е реализиран волонтерскиот стаж или фотокопија од волонтерска книшка и други документи од интерес.

Кандидатите за вработување потребно е помеѓу останатото да поседуваат одредени вештини и способности за работа во Министерството, меѓу кои одлични меѓучовечки вештини; учење и развој; комуникација; ориентираност кон странките; способност за тимска работа; организациски вештини; способност за работа под притисок и почитување на крајно утврдените рокови; професионално однесување и позитивен однос кон работата.

Постапката за селекција на кандидатите ја спроведува Комисија формирана од страна на министерот и истата се спроведува во следните фази: административна селекција; писмено тестирање (стручен тест); психолошко тестирање; интервју; безбедносна проверка и здравствени прегледи. Селекцијата ќе се спроведува по пат на тестирање за нивната стручна оспособеност за делот во кој аплицирале.

По спроведената селекција, избраните кандидати склучуваат договор за вработување во Министерството. По истекот на периодот за стручно оспособување кандидатите ќе бидат распоредени на соодветни работни места.

Кандидатите кои ќе достават пријави со потребна документација за работните места на подрачјето на град Скопје се должни да ги достават лично до архивата на МВР на ул.„Димче Мирчев“ бр.9, Скопје или по пошта со назнака до Секторот за правни работи и управување со човечки ресурси, секој работен ден во текот на работното време, односно од 08,30 до 16,30.

Кандидатите кои ќе достават пријави со потребна документација за работните места во подрачните организациски единици, се должни да ги достават лично до архивата во Секторите за внатрешни работи (Битола, Штип, Велес, Куманово, Тетово, Охрид и Струмица).

Рокот за доставување на пријавите изнесува 15 дена од денот на објавување во дневните печатени медиуми, не сметајќи го денот на објавување, во текот на работното време.

Ненавремената и непотполната документација нема да се разгледува.

Кандидатите се охрабруваат да ја посетат интернет страната на Министерството за внатрешни работи www.mvr.gov.mk, од каде можат да добијат информации за функциите, надлежноста и делокругот на работа на Министерството за внатрешни работи.