Извадок на дел од дневни настани 06.11.2018

На 05.11.2018 година околу 22.40 часот на локалниот пат село Ливада- село Корошишта во Струга, Б.С.(17) од село Теферич, струшко, управувајќи патничко возило „Фолксваген Голф“ со струшки регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот. Притоа, со тешки телесни повреди се здобил Б.С. и сопатникот Б.П.(33) од село Биџово, струшко. Со возило на Итна медицинска помош тие биле пренесени во болницата „Св. Еразмо“-Охрид Увид на место извршила екипа од СВР Охрид.                                   

 

На 05.11.2018 година во 13.45 часот на булевар „Кирил и Методиј“ во Скопје патничко возило „Шкода“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.Т.(36) од Скопје, удрило во велосипедистот З.П.(59) од Скопје. Притоа, З.П. се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. 

 

На 05.11.2018 година околу 19,15 часот било пријавено дека во Гостивар, 17 годишнa девојка од село Здуње, гостиварско, бегајќи од кучиња-скитници, паднала во водите на реката Вардар во близина на мостот. Веднаш по добивањето на пријавата, преземени се мерки за проноаѓање. Во 22,30 часот девојката е пронајдена почината во близина на мостот во село Балиндол, гостиварско. Извршен е увид и по наредба на јавен обвинител телото е предадено за обдукција.

 

Во текот на изминатиoт ден (05.11.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 13 сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, шест со телесни повреди и шест со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди и девет со лесни телесни повреди. 16 возачи се санкционирани бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената. Исто така исклучени се и 21 возачи бидејќи 16 го управувале возилото пред да се стекнат со право за управување на моторно возило, тројца биле возачи почетници и двајца го управувале возилото под дејство на алкохол. 13 возила се исклучени од сообраќај бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се и пет возачи кои поминале крстосница на црвено светло, двајца не дале првенство на минување на пешаци, четворица неправилно се престроиле и еден неправилно престигнувал. Во однос на пешаците санкцинирани се 10 пешаци кои поминале коловоз надвор од пешачки премин и седум кои поминале на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 81 мандатни платни налози, додека исто така 61 возила се подигнати со "Пајак".

На 06.11.2018 година околу 06.00 часот на излезот од Струга, во правец на село Мислешево, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „Чери тенго“ со струшки регистарски ознаки, управувано од засега непознат возач и автобус со охридски регистарски ознаки, управувано од Р.J.(56) од Охрид. Во незгодата, на местото починал возачот на возилото, додека со повреди се здобил возачот на автобусот и тројца патници. Увид на место извршила екипа од СВР Охрид.   

На 05.11.2018 година во 13.40 часот било пријавено дека во Казнено-поправната установа Идризово, при вршење служба во амбулантното одделение, надзорникот Ѓ.Д. (33) бил физички нападнат од осуденикот С.А.(33). На Ѓ.Д. му била укажана лекарска помош во комплексот клиники „Мајка Тереза“. Се работи на расчистување на случајот.     

На 06.11.2018 година во СВР Скопје било пријавено дека околу 03.20 часот непознато лице испукало неколку куршуми кон хотел на булевар „8 септември“ во Скопје. Повредени лица нема, а биле оштетени неколку прозорски стакла и дел од фасадата. Извршен бил увид на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 05.11.2018 година во 12.45 часот Е.К.(44) од Скопје пријавил дека околу 11,40 часот на булевар „Трета Македонска Бригада" бил нарушен јавниот ред и мир со физички напад на неговиот 15 годишен син кој бил нападнат од друг малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против  В.Ј.(38), поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ предвидено и казниво по член 215 од Кривичниот законик на РМ. Имено, на 01.11.2018 година врз основа на судска наредба, извршен е претрес на дом на улица „Водоча" во Скопје при што пронајдени и одземени биле гранки и семки од растението Cannabis, марихуана, хашиш и хероин. Лицето било лишено од слобода.

На 05.11.2018 година околу 14.00 часот пријавено е дека во автобус број 33 на ЈСП од страна на две машки лица физички биле нападнати три лица на возраст од 17 и еден 15 годишник, како и М.Е.(44) од Скопје.  По преземени мерки за расчистување на случајот во полициска станица се повикани Б.Р. (18) и уште едно малолетно лице и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.О. (18) и Ѓ.Д.(19), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,разбојништво“. На 06.10.2018 година  на улица „,Абас Емин“, пријавените физички ја нападнале Д.Н.(76) Охрид и и одзеле 5.000 денари и златниот накит што го носела.

На 05.11.2018 година во 11.00 часот во СВР Битола, Х.Р.(18) од Битола пријавил дека на 04.11.2018 година околу 20.00 часот на патот Битола-Ресен, во близина на село Ротино, физички бил нападнат од лицата О.Н. и С.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  


Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против С.Т.(21), Д.А.(19) и две 17 годишни лица, сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „насилство“. Пријавените на 21.10.2018 година околу 01.30 часот пред кафе бар во село Долно Којнаре физички ги нападнале лицата С.Ѓ., Ф.Ѓ. и М.Б.. На оштетените лица им била укажана лекарска помош во Општа Болница Куманово и им биле констатирани телесни повреди.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.Н.(32) од село Горно Палчиште поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „предизвикување општа опасност“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На  08.06.2018 година околу 14.15 часот во село Горно Палчиште, пријавениот, по претходна вербална расправија со Е.И. од село Горно Палчиште, со пиштол испукал пет куршуми во воздух.
                   
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава  против Ф.И.(49) од село Лакавица, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,кражба“. На 01.11.2018 година околу 16.00 часот, при преглед на товарно возило „Фиат Скудо”, сопственост и управувано од пријавениот, полициски службеници пронашле и одзеле 1,80 метри кубни букови дрва.

На 05.11.2018 година околу 22.00 часот во маркет на улица „Блажо Ивановски“ во Прилеп непознат сторител извршил разбојништво. Сторителот со закана од вработената одзел засега неутврдена сума пари. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот.  

Надворешната канцеларијза криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Д.Б.(53) од село Пискупштина, струшко и А.Р.(50) од село Џепиште, дебарско, поради постоење онови на сомнение за сторено кривично дело „кражба“. На 13.10.2018 година во атар на село Пискупштина, при преглед на товарно возило „ТАМ“, управувано од второпријавениот, кој бил вработен како превозник кај првопријавениот, полициски службеници пронашле и одзеле букови дрва без соодветна документација.  

На 05.11.2018 година во 13.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ со убодни рани биле донесени М.Р.(18) од Скопје и З. И. (18) од Скопје. Според пријавата, тие биле нападнати од неколку лица на улица „Џон Кенеди“. СВР Скопје презема мерки и активности за расчистување на случајот

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.А.(32) од село Шемшово, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”. На  07.05.2018 година околу 12.30 часот во трговски центар во Тетово, при преглед над пријавениот, полициски службеници пронајдешле и одземеле 140 грама марихуана.  

На 05.11.2018 година во 18.00 часот било пријавено дека на автобуска постојка на улица „Коце Металец“ во Скопје непознат сторител со закана со нож извршил разбојништво над П.М.(18) од Скопје, при што му одзел ланче и му нанел повреда. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот.    

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Д.Т.(35) од село Биџево, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“ и Б.К.(29)од село Биџево поради потоење основи на сомнение кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“. Првопријавениот ја променил содржината на странската сообраќајна дозвола за патничко возило „Мицубиши“, сопственост на истиот, додека второпријавената наведената исправа ја употребила во правниот сообраќај.

На 05.11.2018 година во СВР Скопје било пријавено дека околу 20.00 часот пред угостителски објект на улица „Благоја Паровиќ“ во Скопје, двајца 16-годишници физички биле нападнати од А.А. и неколку непознати лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.