Извадок на дел од дневните настани 12.09.2018

На 11.09.2018 година околу 12.50 часот на улица „Кирил и Методиј“ во Скопје Д.К.(69) од Скопје управувајќи патничко моторно возило „Пежо“ со скопски регистарски ознаки удрил во пешак Б.А.(78) од Скопје. Пешакот со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во комплекс клиники "Мајка Тереза" каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Извршен е увид на местото на настанот.

На 11.09.2018 година околу 12.30 часот на регионалниот пат Кичево – Македонски Брод на раскрсницата со улица „Рудничка“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „БМВ“ со охридски регистарски ознаки, управувано од А.Н.(37) од Кичево, и патничко моторно возило „Ауди“, управувано од И.Р.(37) од Македонски Брод. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи, а по укажаната лекарска помош во Медицински центар Кичево, А.Н. е препратена во болницата "Св. Еразмо" во Охрид. Извршен е увид на местото на настанот.

На 11.09.2018 година во 13.20 часот на улица „Ангел Трајчев“ во Свети Николе, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Сеат толедо“ со светиниколски регистарски ознаки управувано од Ј.Ѓ.(57) од Свети Николе и мопед „Баотијан“, управуван од Г.Т.(41) од Свети Николе. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил Г.Т., кој по укажана лекарска помош во Здравствена установа Свети Николе е препратен во Медицински центар Штип. Извршен е увид на местото на настанот.

На 11.09.2018 година во 12,05 часот во реонот на село Николиќ на место викано „Плажата“ бил забележан пожар, односно биле запалени ниви и меѓи со стрниште, кој се ширел кон граничната линија.  Во 14.30 часот од страна на екипа од Противпожарна единица Гевгелија пожарот е изгаснат.

На 11.09.2018 година околу 13,15 часот во село Орман, скопско на место викано .„Камењар“ во викенд куќа сопственост на П.Ц.(65) од село Волково, настанал пожар. Пожарот е изгаснат од Противпожарна единица. Увид ќе се врши во текот на денешниот ден.

На 11.09.2018 година во 14,00 часот во Полициска станица Тетово, А.Ф.(54) од село Непроштено, пријавил дека на 09.09.2018 година во непознат правец се оддалечила  неговата 17 годишна ќерка. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 11.09.2018 година во 07,30 часот на Граничен премин Табановце, на излез од Р.Македонија, при извршена контрола било констатирано дека С.Б.(35) од Р.Албанија, со албанска  патна исправа евидира во СТОП-Листа и истиот се бара за сторено кривично дело "Трговија со луѓе". Лицето е лишено од слобода и е предаден во СВР Куманово, за понатамошна постапка.

Во текот на изминатиoт ден (11.09.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле шест сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, три со телесни повреди и две со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди и четири со лесни телесни повреди. 60 возачи се санкционирани бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената. Исто така, исклучени се и 37 возачи бидејќи 28 го управувале возилото пред да се стекнат со право за управување на моторно возило, четворица биле возачи почетници и четворица го управувале возилото под дејство на алкохол. 20 возила се исклучени од сообраќај бидејќи биле нерегистрирани. Санкционирани се и шест возачи кои поминале крстосница на црвено светло, тројца не дале првенство на минување на пешаци, тројца неправилно се престроиле, седум неправилно престигнувале и двајца не дале првенство на минување на крстосница. Во текот на изминатиот ден издадени се 159 мандатни платни налози, додека исто така 58 возила се подигнати со „Пајак".

На 12.09.2018 година околу 04.30 часот на регионалниот пат Маврови Анови - Дебар, во непосредна близина на Ростушки мост, патничко моторно возило „БМВ“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Љ.А.(55) од село Бајрамовци, Центар Жупа, изгубило контрола и удрило во бетонски заштитен sид. Од ударот со тешки телесни повреди се здобила сопатничка во возилото, Д.М. од Скудриње. По укажаната лекарска помош во Здравствениот дом Ростуше и во болницата во Дебар, таа била пренесена во болница „Свети Еразмо“ во Охрид. Извршен е увид на местото на настанот. 

На 11.09.2018 година околу 10,15 часот било пријавено дека во Скопје во детската градинка на улица „Рокомија“, настанала вербална расправија помеѓу З.Џ.(40) и Б.З., двајцата од Скопје. Потоа, според пријавеното, З.Џ. извадил пиштол, додека Б.З. извадил нож. По преземени мерки  од страна на полициски службеници бил приведен З.Џ., при што кај истиот бил пронајден пиштол. Б.З. го напуштил местото на настанот, но по преземени мерки и активности е пронајден и приведен. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 11.09.2018 година околу 18,30 часот пријавено е дека за време на одржување на јавен собир во Демир Капија бил нарушен јавниот ред и мир од страна на Б.Н.(51) од Демир Капија, кој бил под дејство на алкохол. Тој со своето патничко моторно возило „Рено“ на плоштадот во Демир Капија предизвикал  страв кај граѓаните. Преземени се соодветни мерки и активности и против Б.Н. се поднесени соодветни поднесоци. 

На 12.09.2018 година во 00,20 часот во Полициската станица Бит Пазар вработен во “СОС Детско село“ пријавил дека на 11 септември околу 14,00 часот на автобуска постојка на булевар “Крсте Мисирков“ од страна на две непознати лица бил извршен физички напад врз 17 годишен штитеник   на домот.  Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
 
На 12.09.2018 година во 01,40 часот Д.Р.(47) од Скопје пријавил дека на 11.09.2018 година околу 22,30 часот во угостителски објект на улица „Кеј 13-ти Ноември“, по претходна вербална расправија, настанала физичка пресметка помеѓу четири непознати лица. Потоа лицата излегле од објектот, при што го скршиле стаклото од влезната врата. По преземени мерки, од страна на полициски службеници, бил приведен Ј.Ш.(39) од Црна Гора, a се преземаат мерки и активности за пронаоѓање и на другите лица.  За настанот е известен јавен обвинител. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 10.09.2018 година во 18,20 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје С.Т.(64) пријавила дека истиот ден додека се движела во село Брњарци ја нападнале две кучиња кои излегле од двор на куќа сопственост на В.Ј.(46) и била касната во пределот на нозете и рацете. Од страна на лекар во Градската општа болница “Свети Наум Охридски“ констатирани биле телесни повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 
На 11.09.2018 година во 16,00 часот во Полициската станица Гази Баба социјален работник во ЈЗУ “Ранка Милановиќ“, пријавила дека на 10.09.2018 година од домот во непознат правец самоволно се оддалечил нивен штитеник на возраст од 12 години. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против М.А.(56) од Кичево за сторено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност“. На  29.01.2015 година во Кичево во МВР – ОУР Кичево, пријавениот поднел барање за добивање на уверение за живеалиште, во кое навел лажни податоци дека од 28.01.2015 година се вратил да живее во Р.Македонија. Потоа, на 09.04.2015 година, истиот, потврдата за живеалиште од ОУР Кичево, ја приложил при постапка за идентификација на патничко возило  “Форд” во Бирото за метрологија при Министерството  за Економија-Скопје, со цел да ја искористи погодноста по член 24 од  Законот за возила.