Извадок на дел од дневни настани 11.07.2018

На 10.07.2018 година во 15,10 во Велес на крстосницата од улицата „АСНОМ“ и улицата “Алексо Демниевски“ патничко моторно возило непозната марка управувано од непознато лице, удрило во пешакот Ц.Ќ.(77) од Велес. На Ц.Ќ. и е укажана помош во Јавната здравствена установа во Велес, каде од страна на лекар и биле констатирани тешки телесни повреди. Се работи на целосно расчистување на случајот.


На 10.07.2018 година во 20,50 часот на регионалниот пат с.Крупиште-Пробиштип, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Фолксваген Голф“ со штипски регистерски таблици, управувано од Б.М.(42), мотоцикл „Сузуки“ управуван од Ф.Р.(28) и мотоцикл исто така марка “Јамаха“ управуван од Р.Т. (42) сите од Штип. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле Ф.Р., Р.Т. и сопатникот од едниот моторцикл Г.М.(24), а со телесни повреди се здобила возачот на “голфот“ - Б.М. Повредените со возила на Итна медицинска помош биле пренесени  во Клиничката болница во Штип,  каде им била укажана лекарска помош. Поради сериозноста на повредите Ф.Р. и Г.М. биле пренесени  и задржани во  Комплексот клиники “Мајка Тереза“ во Скопје. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Секторот за внатрешни работи Штип. Се работи на целосно расчистување на случајот.


На 10.07.2018 година околу 14,00 часот во Полициското одделение Зајас било пријавено дека на локалниот пат за с.Речани, во провалија длабока околу 50 метри, пронајден бил Г.Џ.(58) од Кичево, додека на патот над провалијата било паркирано неговото патничко моторно возило „Голф“ со кичевски регистерски таблици. Од страна на Територијална противпожарна единица во Кичево лицето било извлечено и од страна на лекар од Итната медицинска помош констатирана била смрт. Извршен бил увид на местото на настанот и по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено за обдукција.


На 10.07.2018 година околу 08,40 часот било пријавено дека во Струга кај мостот на реката Сатеска во патничко моторно возило „БМВ“ со струшки регистерски таблици, на задното седиште бил пронајден починат Н.С. (63) од с.Теферич- струшко. Бил извршен увид на местото на настанот од страна на увидна екипа од Полициската станица Струга, а по наредба на Јавен обвинител телото  на починатиот било предадено за обдукција.


На 10.07.2018 година во 14,20 часот во холот од Железничка станица –Скопје од страна на полициски службеници бил приведен М.А.(18) од Скопје, бидејќи за истиот имало распишано телеграма од Полициска станица Гази Баба. При прегледот, кај лицето биле пронајдени две најлонски паковки со марихуана. Потоа лицето заедно со пронајдениот материјал се предадени на полициски службеници од Полициската станица Гази Баба, за понатамошна постапка.


На 10.07 2018 година во 03,05 часот на магистралниот пат Кичево-Охрид кај паркингот во с.Другово, од страна на полициски службеници било сопрено патничко моторно возило „БМВ“ управувано од С.А.(29) од Прилеп за кого била распишана централна потерница по наредба од Казнено поправна установа “Идризово“ за издржување на казна затвор во траење од една година и два месеци. Како сопатник во ПМВ било лицето Ф.Е. (36) од Прилеп. При преглед во возилото од страна на полициски службеници пронајдени биле и одземени предмети за кои постои основи на сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Лицата биле лишени од слобода и биле задржани во Полициската станица Кичево за понатамошна постапка.


Во текот на изминатиoт ден (10.07.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле девет сообраќајни незгоди од кои една со тешки телесни повреди, шест со телесни повреди и две со материјална штета. При сообраќајните незгоди едно лице се здобило со тешки телесни повреди и седум со лесни телесни повреди. Санкционираи се 27 возачи бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената, а 16 возачи се исклучени од сообраќај бидејќи 14 од нив управувале возило без стекнато право (возачка дозвола) за управување со моторно возило, додека пак еден возач затоа што управувал возило под дејство на алкохол, и еден возач затоа што бил - возач почетник. Шест возачи се санкционирани бидејќи поминале крстосница на црвено светло, еден недал првенство на минување на пешаци, еден неправилно се престројувал, еден неправилно престигнувал а 24 возачи некористеле заштитен шлем. Исто така од сообраќај се исклучени и 14 возила: девет - затоа што биле нерегистрирани, едно заради претовар и четири возила заради техничка неисправност. Во однос на пешаците санкционирани се 16 пешаци кои поминале коловоз надвор од пешачки премин и двајца кои поминале на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 64 мандатни платни налози,  додека 69 возила се подигнати со "Пајак".

На 10.07.2018 година во 18,30 часот било пријавено дека во с.Растеш-Македонски Брод, во дворот од семејната куќа пронајден бил починат П.М. (64) од Македонски Брод. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Македонски Брод, а по Наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено за обдукција.

На 10.07.2018 година во 16,00 часот 23- годишна жена  пријавила дека истиот ден околу 12,30 часот во Прилеп додека нејзината петгодишна ќерка си играла на улицата „Никола Карев“, С.Ч.(70) врз детето извршил полови дејствија. По пријавата од страна на полициски службеници тој бил приведен и задржан во Полициската станица Прилеп за понатамошна постапка.

На 10.07.2018 година во 14,35 часот пријавено е дека на булеварот „Александар Македонски“ додека со шлеп служба се превезувало патничко моторно возило „Пасат“ со словачки национални ознаки на вештачење кон Министерството за внатрешни работи, во еден момент, две непознати лица кои биле на мотор фрлиле молотов коктел кон возилото, по што го напуштиле местото на настанот. Возилото е делумно оштетено. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 09 и 10.07.2018 година, полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово, во соодејство со јавен обвинител и инспектор од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, извршиле увид на четири земјоделски парцели, лоцирани во атарот на село Лешок, тетовско во месноста „Гладница“. При извршениот увид меѓу насадите со добиточен грашок и пченка, откриени се поголем број стебла од растението „канабис сатива". Парцелите и стеблата се фотодокументирани, неколку се подигнати и ќе се вештачат, додека со наредба на јавен обвинител преостанатите соодветно ќе се уништат од закупците на парцелите. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 10.07.2018 година во 08,00 часот М.М.(42) во Секторот за внатрешни работи Скопје пријавил дека 09/10.07.2018 година на улицата “Среќко Пужалка“ во основно училиште од страна на непознати сторители било извршено оштетување на пет канделабри и биле извадени осигурувачите од истите, а притоа  сторителите со спреј испишале навредлива содржина. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 11.07.2018 година Л.Н.(39) во Секторот за внатрешни работи Скопје пријавила дека истиот ден околу 00,30 часот во автобус на ЈСП бр.57 кој се обраќал на релација од Бит Пазар кон населбата Бутел кога пристигнал на автобуската постојка нејзиниот 16 годишен син бил физички нападнат од страна на три лица со кои претходно заедно биле на роденден кај нивна другарка во кафуле во Центар. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 11.07.2018 година во 02,30 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје И.М.(35) пријавил дека истиот ден околу 01,30 часот  на  улицата “Павел Шатев“  бил физички нападнат од страна на поголема група на лица. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против Б.Б.(19) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “насилство“. На  01.06.2018 година околу 01,30 часот во Тетово на улицата  “Борис Кидриќ” пријавениот  со уште две засега непознати лица физички го нападнале Н.Р. и В.Б. При тоа, В.Б. успеал да побегне, додека Н.Р. паднал на земја, а пријавениот и двете непознати лица продолжиле со нападот, при што случајни минувачи ги оттргнале од оштетениот.

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава против А.М.(33) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “насилство“. На 26.06.2018 година околу 23,30 часот во Струмица на плоштадот „Гоце Делчев“ пријавениот, држејќи два ножа во рацете најпрво му упатил закани по животот на Ц.Н., а потоа и на 15 годишна малолетничка од Струмица.

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против Б.С. (52) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “злоупотреба на службена положба и овластување“. Во периодот од 23.03.2011 до јануари годинава пријавениот, како директор на јавно комунално претпријатие “Козјак“ во Старо Нагоричане, овозможил 414 жители на Старо Нагоричане да ја користат водата за пиење и наводнување, без редовно да ги плаќаат сметките. При тоа, пријавениот за ненаплатените сметки не поведувал соодветни судски постапки. Со ова, пријавениот му нанел штета на ЈКП “Козјак” од 7.997.693 денари.

Полициската станица Валандово поднесе кривична пријава против Г.Г. (22) од Валандово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “даночно затајување“. Имено во периодот од 2014 година до 2016 година пријавениот, од продажба на услуги во врска со спортски натпревари преку социјалната мрежа „Фејсбук“, преку компаниите за брз трансфер на пари „Western Union“ и „Money Gram“ примил 339.583 денари, за кои не поднел годишна даночна пријава. На овој начин пријавениот го оштетил Буџетот на РМ за 33.959 денари.

Секторот за внатрешни работи Куманово во два одвоени случаи поднесе кривични пријави против М.К.(45) од Струмица и Ѓ.С.(64) од с.Мокрино-струмичко поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела “бесправно градење“ и “узурпација на недвижности“. Во првиот случај М.К. во реонот на село Белотино-струмичко во близина на браната “Водоча”, на земјиште во сопственост на Република Македонија, изградил викендица без одобрение за градба. И во вториот случај Ѓ.С. во истиот реон во близина на браната “Водоча”, на земјиште во сопственост на Република Македонија, изградил викендица без одобрение за градба.