Извадок на дел од дневни настани 09.07.2018

На 07.07.2018 година во 19,30 часот на локалниот пат с.Радишани-с.Љуботен кај место викано “Ризова чешма“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило “Фолксваген Голф“ со скопски регистерски таблици управувано од С.З.(21) од Скопје и патничко моторно возило “Мерцедес А“ со скопски регистерски таблици управувано од Х.Ј.(47) од Скопје. Од незгодата со тешки телесни повреди се здобил сопатник на возраст од 17 години од возилото “Фолксваген Голф“ додека со телесни повреди се здобил возачот на “мерцедесот“ Х.Ј. како и двајца негови сопатници на возраст од по 12 години. Возачот на „голфот“ С.З.  бил пренесен во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ и од страна на лекар му биле констатирани телесни повреди. Извршен бил увид на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на случајот.     


На 08.07.2018 година околу 19,00 часот на улицата “Ферид Мурати“ во Скопје патничко моторно возило “Мерцедес“ со скопски регистерски таблици управувано од М.Ф.(29) од Скопје удрило во пешакот Ѓ.С.(70) од Скопје. Од незгодата Ѓ.С. се здобила со повреди и со истото возило била пренесена во Градската општа болница “Свети Наум Охридски“ каде од страна на лекар и биле констатирани тешки телесни повреди. Се работи на целосно расчистување на случајот.


На 07.07.2018 година  околу 14,30 часот на крстосницата од улиците „Андон Шурков“ и „Благој Ѓорев“ во Велес, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Рено Меган“ со велешки регистарски  ознаки управувано од В.Л.(44) од Велес и мопед „Априлија“ со велешки регистарски ознаки управуван од С.П.(45) од Велес.  Возачот на мопедот со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во ЈЗУ општа болница - Велес каде му биле констатирани тешки телесни повреди и истиот бил препратен во Комплекс клиники "Мајка Тереза". Извршен бил увид на местото на настанот и се работи на целосно расчистување на случајот.                    

         
Во текот на изминатите денови (06/ 07/ и 08.07.), на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 28 сообраќајни незгоди од кои четири со тешки телесни повреди, 12 со телесни повреди и 12 со материјална штета. При сообраќајните незгоди четири лица се здобиле со тешки телесни повреди а 18 лица со лесни телесни повреди. Потоа, санкционира ни се 181 возач бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената, а од сообраќај се исклучени и 35 возачи: двајца затоа што управувале возило под дејство на алкохол, 29-мина бидејќи возеле без да се стекнат со право на управување на моторно возило и четворица затоа што биле возачи почетници. Исто така санкционирани се четворица возачи кои поминале на црвено светло, двајца затоа што недале првенство на минување на пешаци, еден неправилно се престорил и 22 не користеле заштитен шлем. Покрај ова, од сообраќај се исклучени 27 возила бидејќи 23 биле нерегистрирани а четири возила - технички неисправни. Во однос на пешаците санкционирани се осум пешаци кои поминале коловоз надвор од пешачки премин и тројца кои поминале на црвено светло. Во текот на изминатите денови издадени се 150 мандатни платни налози,  додека пак 117 возила се подигнати со "Пајак".

На 08.07.2018 година околу 12,00 часот било пријавено дека во патничкиот воз кој сообраќал на релација Скопје-Велес, на патникот Н.С. (34) од с.Фурка-дојранско, му се слошило. Toj бил пренесен во Општата болница во Велес, но околу 13,00 часот починал. При извршениот преглед на патната торба на Н.С. биле  пронајдени две паковки со бела прашкаста материја, кои се дадени  за вештачење. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот ќе биде предадено за обдукција.
На 07.07.2018 година во 06,30 часот во Битола на пешачки премин на улицата „Филип Втори Македонски“ патничко моторно возило “Киа Авела“ со битолски регистарски ознаки управувано од М.А.(24) од село Мојно, битолско удрило велосипед управуван од С.К.(57) од Битола. Во незгодата велосипедистот се здобил со тешки телесни повреди. Извршен е увид на местото на настанот.
На 07.07.2018 година во 17,45 часот на Новачки пат во Битола се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило  "Хундаи Сантафе" со бугарски регистарски ознаки управувано од И.Ќ.(25) од Кавадарци и патничко моторно возило "Опел Астра" со битолски регистарски ознаки управувано од И.П.(58) од Битола. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил И.П. додека И.Ќ. и неговата сопатничка Н.Ќ.(25) се здобиле со телесни повреди. Извршен е увид на местото на настанот.
На 08.07.2018 година во 10,40 часот М.П.(37) од Скопје пријавила дека претходниот ден околу 20,30 часот додека се движела по улицата "Димитрије Чуповски" била нападната од неколку кучиња-скитници, од кои едно ја каснало за левата подколеница, по што се упатила во Комплексот клиники "Мајка Тереза" за укажување на лекарска помош.
На 08.07.2018 година В.С.(29) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 12,40 часот била измамена од страна на непознато женско лице. Откако лицето дошло во нејзиниот двор со намера да и продаде женска гардероба на пријавителката, почнала да и зборува во врска со животот на В.С. дека некој и направил лоши работи и доколку сака истата може да ги отстрани. Откако пријавителката од дома донела разновиден златен накит, непознатата жена го ставила во чинија со вода и потоа и рекла дека ќе мора накитот да го однесе до црква, а потоа ќе и го врати. Непознатата жена го земала накитот и го напуштила местото на настанот и не се вратила. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш поднесе кривична пријава против С.А.(51) и В.Р.(57), двајцата од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „злоупотреба на службената положба и овластување“. Во текот на 2013 година, првопријавената, како директор на Основно училиште во Радовиш, спротивно на законот за јавни набавки, склучила договори со добавувачи кои сама ги избрала, односно истите ги ставила во поволна позиција и на тој начин го оштетила буџетот на Р.Македонија за 808.435 денари. Второпријавениот, како секретар на Основното училиште во Радовиш и претседател на комисијата за јавни набавки, во текот на 2013 година, спротивно на законот за јавни набавки изготвил техничка документација во која бил фаворизиран одреден економски оператор и истиот го предложил како најповолен понудувач, a потоа, првопријавената со истиот склучила договор за набавка на канцелариски мебел за 175.929 денари, со што го оштетил буџетот на Р.Македонија за истиот износ.
На 09.07.2018 година, околу 02,45 часот било пријавено дека во с.Дебреште–прилепско во казино, маскирано  лице со закана со пиштол од вработените одзело околу 216.000 денари. Се превземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 09.07.2018 година околу 01,30 часот Б.Б. (20) од Прилеп пријавил во ПС Прилеп, дека кога си одел заедно со неговите пријатели и неговиот брат од угостителски објект, од страна на едно лице кое го познавал бил физички нападнат. Напаѓачот со нож му нанел неколку убодни рани во пределот на грбот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 08.07.2018 година околу 04,40 часот во хотел во Велес, при преземање на мерки од страна на полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Велес, а по претходна пријава за нарушен јавен ред и мир од страна на  А.П. (43) од Велес, истиот одбивал да се легитимира и при обидот за приведување давал активен отпор и удрил полициски службеник. А.П. бил приведен во полициска станица. Известен е Јавен обвинител и по целосното расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 08.07.2018 година во 17,30 часот на Граничниот премин Делчево, на влез во Р.Македонија при вршење на редовна гранична контрола било забележано дека минибус “Фолксваген Крафтер” со делчевски регистерски таблици управуван од А.А.(41) од с.Габрово-делчевско, немал задна регистерска табличка, а предната табличка била обоена со црн спреј.