Извадок од дневните настани 20.04.2017

 На 19.04.2017 година во 08.50 часот во ЕИК било пријавено дека во Скопје, во казино на бул.„Партизански Одреди“ непознат сторител извршил разбојништво над вработените. Сторителот со закана со пиштол од вработените одзел околу 30.000 денари, по што побегнал во непознат правец.  Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 

На 19.04.2017 година во 21.30 часот во Прилеп, во спортска обложувалница на ул.„Цар Самоил“ двајца непознати маскирани сторители со закана со пиштол извршиле разбојништво над вработената. Сторителите ја затекнале вработената пред влезот на обложувалницата, ја  турнале внатре и од касата одзеле 34.000 денари, по што побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

 

На 19.04.2017 година околу 18.30 часот во бифе во Кривогаштани, прилепско, дошло до  меѓусебна расправија помеѓу М.Х.(41) од с.Локвени и Н.М.(42) од с.Брезово, демирхисарско. Во еден момент Н.М. со нож му нанел убодна рана на М.Х. во пределот на левото белодробно крило. Истиот бил пренесен и задржан на лекување Општа болница Прилеп. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од ПС Прилеп. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 19.04.2017 година во 14.50 часот во ПС Чаир, Г.С. (42) од Скопје пријавил дека на 11.04.2017 година околу 11.00 часот од дома во непознат правец се оддалечила неговата 17-годишна ќерка. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

           

На 19.04.2017 година во 23.30 часот во ПС Чаир, И.С. (20) од Скопје пријавил дека на 19.04.2017 година околу 15.00 часот од непознати причини од дома во непознат правец се оддалечила неговата мајка И.Б. (68) од Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

           

На 19.04.2017 година од 17.15 до 21.25 часот во Скопје, Охрид, Кочани, Куманово, Прилеп, Штип, Кичево, Кавадарци, Неготино, Велес, Битола, Струмица, Пробиштип, Валандово, Ресен, Крива Паланка, Македонски брод, Свети Николе и Кривогаштани  во организација на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ се одржале протестни маршеви. Граѓаните кои се собрале се движеле низ улиците во наведените градови. За време на собирите немало нарушувања на Јавниот ред и мир.

 

Во врска со настан „исчезнато лице“ даден во билтен од 17/18.04.2017 година, на 19.04.2017 година во 20.00 часот бил пронајден 17-годишник од с.Младо Нагоричане, кумановско. Истиот бил пронајден во ТЦ „Сити Мол“ во Скопје.

           

На 19.04.2017 година околу 06.00 часот на влезот во Велес, на 250 метри пред кружниот тек, Ј.Р.(23) од с.Марена, кавадаречко, управувајќи ТМВ „Сканија“ со велешки регистарски ознаки и приколка „Шмиц“ со велешки регистарски ознаки, изгубил контрола над возилото кое почнало да се лизга по коловозот и удрило во бетонски столб, по што застанало. Во тој момент Ј.Р. паднал од возилото во бездна. Од екипа на Итна медициснка помош  Ј.Р.  бил пренесен во Општа болница Велес, каде во 07.20 часот била констатирана смрт. Кај сопатникот Н.К. (27) од с.Чифлик, Демир Капија, не се констатирани повреди .  Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Велес. Со согласност на Јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на семејството.

 

НК за КР Демир Хисар поднесе посебен извештај против  И.Г. (45) во с. Полаки, кочанско, поради постоење основи на омнение за сторени пет кривични дела  „тешка кражба“.  Во периодот од 18 до 29 октомври 2016 година на подрачјето на селата Спотоница, Суводол, Загориче, Жван и Демир Хисар пријавениот со употреба на погоден предмет извршил тешки кражби во црквите Св. Никола, Св.Константин и Елена и Св.Петка, од каде одзел 38.900 денари, а причинил и штета на објектите од околу 5.100 денари.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Љ.Ѓ. (55) од Битола, поранешен управител на „Бали Трејд“ ДООЕЛ Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „затајување“. Во периодот од 25.04.2016 година до април 2017 година, пријавениот противправно присвоил ПМВ „Фолксфаген Пасат 2.0 ТДИ“, сопственост на фирмата, односно истото не го ставил на располагање во стечајната маса во стечаен предмет што се води во Основниот Суд Битола и не го предал на стечајниот управник.

 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против С.В. (44) од Валандово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „повреда на права од индустриска сопстевност и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 24.03.2017 година, по добиени оперативни сознанија, извршен бил претрес во домот и помошните простории на пријавената каде се пронајдени и привремено одземени 1.685 парчиња петарди и 21 парче тренерки со ознака на трговска марка „adidas“, кои се фалсификат. Тренерките не биле произведени од страна на носителите на правото и не се пуштени во промет со нивна согласност. Притоа постоеле разлики со оригиналните производи, немале безбедносна етикета, која вклучувала информации за производот, сериски број, потекло, 2-Д баркод, како и лошата изработка односно репродукција на „adidas“ логата и етикетите кои што се прикачени на самиот производ.

 

НК за КР Кочани поднесе кривична пријава против П.Д. (63) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности”. Пријавениот, во неутврдено време на м.в. „Нивче“ во Кочани, каде истиот е сопственик на катастарска парцела на која има изградено објект, со намера да се стекне со владение зазел туѓа недвижност со вкупна површина од 597 метри квадратни.  Оваа противзаконска активност е констатирана од страна на овластени лица-геометри од Агенцијата на Катастар за недвижности со записник.

 

НК за КР Гостивар поднесе кривична пријава против Д.Н. (31) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги,психотропни супстанци и прекурсори“. На 08.11.2016 година бил извршен претрес во дом и помошни простории на пријавениот, при што било пронајдено едно пакување  со 0,60 грама наркотична дрога хероин.