Извадок од дневните настани 19.04.2017

На 18.04.2017 година во 13.40 часот во ПС Тетово, Б.С. (51) од с.Пирок пријавил дека истиот ден околу 12.00 часот, додека работел во неговата адвокатска канцеларија бул. „Илинденска“ во Тетово, во канцеларијата влегол В. А. (72) од с.Бродец, тетовско, со кој пријавителот се познавал, и почнал да му се заканува. Истиот, во еден момент извадил нож и замавнал кон Б.С. и му нанел расекотина во пределот на левата рака. Б.С.  го извадил столчето на кое седел со намера да му оневозможи на В.А. да му се приближи. Кога го пуштил столчето со цел да избега од канцеларијата,  В.А. го фатил истото и му задал удар во пределот на десното рамо. Б.С.  успеал да излезе од канцеларијата, а В.А. продолжил да го брка држејќи го ножот во рака. Б.С., исплашен за својот живот, влегол во судот кај судскиот полицаец и побарал помош. За тоа време В.А дошол пред судот каде што бил приведен од полициски службеници. После тоа Б.С. се упатил во Клиничка болница Тетово каде му била укажана лекарска помош. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 18.04.2017 година во 06.45 часот во ЕИК Скопје било добиено известување дека кај стар автопазар, на терминалот на „Фершпед“  била опожарена куќарка која служела како соблекувална за вработените на „Фершпед“. Во пожарот била опожарена кровната конструкција, а биле зафатени и две возила - ТМВ „Форд“ со скопски регистарски ознаки и ПМВ „Рено“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на фирмата „Алпик Дооел“. Пожарот највероватно бил предизвикан од неисправна инсталација. Дел од вработените додека се пресоблекувале слушнале експлозија во помошната просторија, каде чувале косилки и бензин. Вработениот Ќ.Ш.(54) од Скопје се здобил со изгореница од втор степен и истиот е примен на лекување на Клиниката за пластична хирургија. Увид  на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Скопје.

На 18.04.2017 година од 17.10 до 21.00 часот во Скопје, Охрид, Радовиш, Кочани, Куманово, Прилеп, Штип, Кичево, Кавадарци, Неготино, Велес, Гевгелија, Битола, Струмица, Делчево, Пробиштип, Валандово, Ресен, Крива Паланка, Крушево и Демир Хисар во организација на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ се одржале протестни маршеви. Граѓаните кои се собрале се движеле низ улиците во наведените градови. За време на собирите немало нарушувања на Јавниот ред и мир.

На 18.04.2017 година во 14.30 часот во Охрид, Д.К. (51) од Битола, изведувајќи градежни работи во верски објект  ул. „Св.Климент Охридски“ , паднал и се здобил со тешки телесни повреди. Истиот со возило на Итна медицинска помош бил префлен во болницата „Св.Еразмо“ каде му била укажана лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Охрид.

На 18.04.2017 година во 13.30 часот во Скопје, на ул. „Цветан Димов“ се случила сообраќајна незгода во која ПМВ „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано Б. Б. (62) од  Скопје удрил во пешак – четиригодишно девојче од  с.Моране.  Во незгодата детето се здобило со тешки телесни повреди по што со друго возило било пренесено во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, каде по укажаната лекарска помош, во 21.30 часот истата починала. По незгодата Б.Б. бил лишен од слобода поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Истиот е задржан во ПС Бит Пазар, а на 19.04.2017 година ќе биде изведен пред надлежен судија. Во врска со настанот еден полициски службеник се здобил со повреди. Истиот, при преземање службени дејствија, односно при обид да спречи лица да го нарушат Јавниот ред и мир се лизнал и се самоповредил, при што бил префрлен во Градска општа болница „Св.Наум Охридски“, каде му биле констатирани телесни повреди.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.И. (23) од с.Боговиње поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојничка кражба“. На 22.01.2017 година, околу 23.00 часот, пред амбуланта во с.Боговиње, М.И. (34) во с. Добри Дол, гостиварско, бил пресретнат од пријавениот кој го повикал да влезе во неговото возило. Потоа, пријавениот му го зел мобилниот телефон, по што се упатиле кон центарот на селото, каде пријавениот му одзел и 800 денари и физички го нападнал.  

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Ј. (23), А.Е. (20) и А.Б. (27), сите од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 07.02.2017 година околу 09.00 часот, додека А.Б. работел како обезбедување во Средното училиште „7-ми Март“ во населба Дреновец-Тетово, пристигнале А.Ј. и А.Е.  кои сакале да влезат во училиштето, но биле спречени од истиот со образложение дека не се ученици во наведеното училиште. По кратко време дошло до расправија во која А.Ј. и А.Е. се обиделе да употребат нож и метален боксирач, но не успеале во намерата поради тоа што А.Б. се фатил за гасниот пиштол со намера да ги исплаши. Во тој момент расправијата преминала во физичка пресметка меѓу пријавените, која била спречена од страна на униформирани полициски службеници при ПС Тетово.

НК за КР Гостивар поднесе кривична пријава против В.С. (34) и Џ.Р. (37), двајцата од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На почетокот на февруари 2017 година В.С. набавила неутврдена количина на хероин која била во вид на пакувања и едно од тие пакувања на 03.02.2017 година околу 18.30 часот за сума од 500 денари му ја продала на Џ.Р. Истиот ден  во Гостивар забележан е Џ.Р. и врз истиот бил извршен претрес при што било пронајдено пакувањето со 0,09 грама хероин.

СВР Битола поднесе две кривични пријави против Р.М.(44), Д.Е.(18) и С.Е.(21), сите од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторени 19 кривични дела „тешка кражба“. Пријавените во периодот од јануари до февруари 2017 година во централното градско подрачје во Битола, со употреба на физичка сила и користејќи погодни алати, влегувале во дуќани, колонијални продавници, ќебапчилници, продавници за облека, продавници за бела техника, цвеќари и берберски дуќани и одземале предмети и пари. На тој начин пријавените предизвикале материјална штета  од 158.500 денари. По преземени мерки и активности, СВР Битола го лиши од слобода  првопријавениот  Р.М. и истиот се наоѓа во притвор во Битола.

ПС Струга поднесе кривична пријава против С.Ш.(20) од с.Банско, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторени седум кривични дела, од кои три „тешка кражба”, едно „тешка кражба во обид“ и три дела „кражба“. Пријавениот ги извршил делата во периодот февруари-март 2017 година во Струга, користејќи погоден алат и физичка сила. Пријавениот влегувал насилно во патнички возила, во куќи и станови, а во два наврати  успеал да одземе вкупно околу 120 метри кабел  за улично осветлување, сопственост на општина Струга и фирмата изведувач на уличното осветлување. На тој начин пријавениот предизвикал материјална штета од околу 100.000 денари.   

ПС Кичево поднесе кривична  пријава  против Б.К. (33) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторенo кривичнo дело „кражба”. Пријавениот бесправно одзел мобилен телефон  од ресторант на превојот „Стража“.  Б.К. искористил момент на невнимание на оштетениот и во погоден момент го одзел мобилниот телефон оставен на една од масите каде бил со неговото семејство.