Извадок од дневните настани 18.04.2017

На 17.04.2017 година околу 21.10 часот во Скопје, во обложувалница на ул. „Боро Менков“ непознат маскиран сторител извршил разбојништво. Сторителот со закана со пиштол од вработените одзел неутврдена сума на пари од дневниот промет, по што побегнал во непознат правец.  Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.  

На 17.04.2017 година во 21.30 часот во Скопско поле-Скопје, во угостителски објект три непознати лица со безбол палки физички ги нападнале сопственикот Н.З. и повеќе гости кои седеле во објектот.  Напѓачите ги удирале во пределот на главите и телата, при што со повреди се здобиле лицата Ш.М. (33), Н.Б. (38), К.М. (23), сите од с.Трубарево, Р.В. (34) од Кавадарци и А.Ј. (29) од Скопје. Никој од повредените досега не побарале лекарска помош. Се преземаат мерки за пронаоѓање на напаѓачите и за целосно расчистување на случајот.

На 17.04.2017 година околу 10.15 часот во Кичево, пред влезот на семејната куќа, М.Ј. го пронашол починат таткото на неговата сопруга В.И.(69). Смртта е констатирана од екипа на Итна медицинска помош. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од ПС Кичево. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено за обдукција.

На 17.04,2017 година во 11.00 часот во ПС Куманово, М.С. од с.Младо Нагоричане, кумановско, пријавил дека неговиот 17-годишен на 16.04.2017 година околу 11.00 часот заминал од дома и до моментот на пријавување не се вратил дома. СВР Куманово презема мерки за пронаоѓање на лицето.

На 18.04.2017 година околу 02.40 часот во Скопје, на ул. „Среќко Пужаљка“ било опожарено ПМВ “Голф 5“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на З.Б. (31) од Скопје. Сопственикот околу 01.00 часот го паркирал возилото, а околу 02.40 часот од соседите бил известен дека возилото е опожарено. Околу 03.00 часот пожарот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Од пожарот целосно бил опожарен предниот дел на возилото, а оштетен е и дел од внатрешноста. Нема повредени лица и не е предизвикана материјална штета на околните возила и објекти. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.  

На 17.04.2017 година во 18.24 часот на патниот премин помеѓу железничко стојалиште Тумчевиште и железничка станица Гостивар се случила железничка незгода помегу патничкиот воз кој сообраќал на релација Скопје-Кичево и ПМВ „Сеат Леон“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од непознат возач, кој со возилотото ја преминувал пругата. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот, кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Медицински центар Гостивар. Увид на местото на настанот извршила екипа од ПС Гостивар. Во периодот од 18.24 до 21.18 часот железничкиот сообраќај на тој дел од пругата бил во прекин.

На 17.04.2017 година во 13.50 часот на ГП „Табановце“, при пасошка контрола, било констатирано дека лицето И.Ј. (40) од Кичево евидира на СТОП Листа за издржување казна затвор во траење од пет месеци за сторено продолжено кривично дело „неплаќање издршка“. Во 15.00 часот лицето е предадено на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.  

СВР Охрид поднесе кривична  пријава против С.И. (22) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба”. Пријавениот  го сторил делото во периодот од јануари до март 2017 година на ул. „Дејан Војвода“ во куќа сопственост на С.М. од Охрид. Пријавениот со подесен алат насилно ја отворил  влезната врата,  влегол внатре и по извршеното пребарување одзел три детски велосипеди, повеќе апарати за домаќинство, повеќе работни машини, дел од покуќнината, разновиден кујнски прибор и четири собни врати. На тој начин пријавениот С.И. се стекнал со противправна имотна корист од околу 250.000 денари.  

ПС Кичево поднесе кривична пријава против Г.М. (44) од Кичево и П.П. (55) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба”. Пријавените го сториле  кривичното дело на 16.03.2017 година во магацинот сопственост на АД „Жито Караорман“, лоциран на магистралниот пат Кичево-Охрид. Г.М. и П.П. околу 10 часот со товарно моторно возило влегле во кругот на АД „Жито Караорман“ и од магацинот одзеле претходно складирани метални предмети сопственост на претпријатието. За кратко време ги натовариле металните предмети и незабележани од никого избегале. После тоа предметите ги продале во Отпад за старо железо во Кичево и на тој начин се стекнале со противправна имотна корист од околу 180.000денари.  

НК за КР Гостивар поднесе кривична пријава против Ш.Ш. (36) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,измама“. На 18.01.2016 година во адвокатска канцеларија пријавениот како сопственик на недвижен имот - стан во Гостивар го довел во заблуда С.А. на начин што со лажно прикажување и прикривање на факти склучил договор за купопродажба на недвижен имот-стан за сума од 25.000евра помеѓу пријавениот како продавач и оштетениот С.А. како купувач. За истиот стан против пријавениот се води судска постапка за исто дело. Со стореното кривично дело пријавениот го оштетил  С.А. за 6000 евра, кои оштетениот ги дал на пријавениот како капар кога склучиле меѓусебен купопродажен договор за станот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.М. (29) од Гостивар  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 08.11.2016 година на локалниот пат за село Брвеница,  тетовско, полициски службеници забележале  патничко возило „БМВ“ во кое бил пријавениот и истиот низ прозорецот фрлил една најлонска кеса. Од страна на полициските службеници наведената најлонска кеса во која имало повеќе розови таблети.

НК КР Крива Паланка поднесе кривична пријава против С.Ѓ. (63) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение  за сторено кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“. На 07.04.2017 година во продавница во Крива Паланка пријавениот извршил полови дејствија над тринаесетгодишно девојче од Крива Паланка.

ПС Прилеп поднесе кривична пријава против М.К. (28) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело“. На 02.11.2016 година извршен е преглед над М.К., при што пронајдени се и одземени повеќе предмети меѓу кои и два клучеви. Од извршеното вештачење е констатирано дека над нив е извршена преправка, од едната страна отстранета е нивната средишна испакната линија на која линија се позиционирани отвори со различна длабина во кои се забравуваат заоблените основи од сигурносните цилиндрични елементи од бравата. На преправените клучеви ако се постави алуминиумска лента на местото на отстранетата средишна испакната линија се добива склоп – направа за одбравување на вид на цилиндри кои функционираат со ваков вид на клучеви.

ПС Прилеп поднесе кривична пријава против Ќ.Ш. (36), А.Р. (47) и 14-годишник, сите од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,насилство“. На 13.03.2017 година околу 10.00 часот, Г.В. додека бил во својот отпад во Прилеп добил телефонски повик дека од надворешната страна од отпадот има неколку лица кои крадат. Истиот отишол и видел дека неколку лица краделе од металните предмети. Кога го забележале, лицата со нивното запрежно возило  тргнале кон него. Г.В. застанал пред коњот и им рекол дека ќе повика полиција, по што едно лице извадило вила, а друго стап.  Кога Т.Н. видел дека лицата сакале да го повредат Г.В. , се упатил кон лицето и му ја зел вилата. Во тој момент друго лице го удрило Т.Н. со стап по главата, кој паднал, а останатите лица со нозе го удирале по телото, по што избегале. По неколку минути лицата повторно се вратиле и физички го нападнале Г.В. удирајќи го по главата и телото и пак избегале.

НК за КР Берово поднесе кривична пријава против Д.Г. (30) с.Митрашинци, беровско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 12.04.2017 година околу 02.30 часот  во казино пријавениот  со грубо однесување и малтретирање предизвикал чувство на страв, лична загрозеност и  несигурност кај вработените лица. После тоа го искршил заштитното стакло од исплатниот пункт во казиното, а од распрсканите парчиња стакло  една вработена се здобила со телесни повреди.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.Б. (18), А.Ж. (19) и М.К. (18), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,насилство”. На 28.01.2017 година околу 01.00 часот во ноќен бар пријавените, без повод и причина, физички нападнале 16-годишник, удирајќи  го со клоци и тупаници и со стаклена шише во пределот на главата и телото. Притоа, малолетникот се здобил со повреди по главата и телото, кој бил однесен во Општа болница во Куманово. Откако му биле констатирани повреди и му била укажана лекарска помош, истиот бил пуштен на домашно лекување.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ј.С. (44) од село Жилче поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 25.02.2017 година, додека Д.С. (25) се наоѓал во неговото возило, во еден момент пријавениот  ја отворил вратата од возилото и држејќи нож во раката почнал да му упатува закани на Д.С.. Оштетениот, во самоодбрана, со десната рака го фатил Ј.С. за ножот при што се здобил со расекотина во внатрешната страна на дланката. Оштетениот успеал да го турне пријавениот од возилото, кој избегал во правец на својот дом.