Извадок од дневните настани 17.03.2017

На 17.03.2017 година околу 02.00 часот во Скопје, на бензинска пумпа на ул. „Кемал Сејфула“ непознат маскиран сторител извршил разбојништво над вработените. Сторителот со закана со  пиштол ги одзел чантите во кои имало околу 11.000 денари по што побегнал во непознат правец.  Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.   

На 16.03.2017 година околу 11.30 часот во с.Бачиште, кичевско, од страна на поголема група  кучиња било нападнато четиригодишно дете од истото село, по што истиот во критична состојба е пренесен во Ургентен центар Скопје. Имено, четиригодишното дете излегло од куќата и сакало да премине преку нива и да појде во соседната куќа, но во тој момент било нападнато од кучиња кои дошле од соседната штала со овци, сопственост на Ш.В. (49) од с.Бачиште, каде истиот ги чувал кучињата пуштени,  како и други кучиња скитници. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на ПС Кичево, а по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.  

На 17.02.2017 година во 04.20 часот во ЕИК Скопје било пријавено дека на ул. „Индира Ганди“ од непознати причини избувнал пожар во куќата сопственост на А.Е. (60). Од пожарот целосно е изгорен горниот кат од куќата и кровот. Пожарот е изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита. Увид на местото на настанот ќе се врши во текот на денот.

На 16.03.2017 година околу 17.00 часот во СВР Куманово,  од вработени во касарната „Боро Менков“, било пријавено дека во близина на касарната непознато лице од возило во движење биле испукани неколку куршуми од огнено оружје. Полициски службеници излегле на местото на настанот, при што биле пронајдени пет чаури од гасен пиштол.  Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 16.03.2017 година околу 11.00 часот на паркинг во авто-камп во Струга пронајден бил починат К.Н. (42) од с.Велешта, струшко. Истиот бил пријавен за исчезнат на 15.03.2017 година. Увид на местото извршиле Јавен обвинител и увидна екипа на ПС Струга, а телото на починатиот е предадено на семејството за погреб.

На 16.03.2017 година во период од 10.30 до 14.00 часот во Битола, на градскиот стадион, при изведување на градежни работи пронајдени биле 24 неексплодирани артилериски гранати калибар 75 мм, 40 минофрлачки гранати калибар 75 мм, 6 рачни бомби и 14 куршуми калибар 9мм со потекло од Првата Светска  Војна. Увид на местото на настанот  извршила увидна екипа на СВР Битола. Од страна на пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Подрачна единица-Битола, истите се безбедно подигнати.

На 16.03.2017 година во периодот од 17.00 до 19.50 часот во Скопје, Демир Хисар, Берово, Крушево, Охрид, Македонска Каменица, Радовиш, Кочани, Делчево, Македонски Брод, Куманово, Свети Николе, Пехчево, Прилеп, Штип, Кичево, Кавадарци, Неготино, Велес, Виница, Гевгелија, Битола, Валандово, Ресен, Струмица, Крива Паланка и с. Моноспитово-општина Босилово во организација на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ се одржале протестни маршеви. Граѓаните кои се собрале се движеле низ улиците во наведените градови. За време на собирите немало нарушувања на Јавниот ред и мир.    
 
На 16.03.2017 година во 12.10 часот во Гостивар, на ул. „Илинденска“ се случила сообраќајна незгода во која Д.Ѓ. (18) од с.Леуново, управувајќи мопед „Гланз“ без регистарски ознаки, изгубил контрола над истиот и се превртел. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката В.Б. (53) од с.Леуново,  која по укажаната лекарска помош во Ургентен центар Гостивар, поради сериозноста на повредите, е пренесена во Клинички центар Скопје. Увид на местото на настанот  извршила увидна екипа на ПС Гостивар.

На 16.03.2017 година во 16.20 часот на регионалниот пат Струга – Дебар, во с.Велешта, се случила сообраќајна незгода помеѓу ПМВ „БМВ“ со австриски регистарски ознаки, управувано од С.П.(42) од с.Добовјани и ТМВ-Влекач „Ман“ со охридски регистарски ознаки,  управувано од Л.Ј. (35) од с.Делогожда. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобиле Ш.О. (52) од Охрид и  Е.И. (80) од с.Велешта, сопатниците во ПМВ „БМВ“, додека В.П. (25) и К.П. (18), двајцата од с.Добовјани, се здобиле со телесни повреди. На повредените им била укажана лекарска помош во Медицински центар Струга, но поради сериозноста на повредите Ш.О. и Е.И. се пренесени во болницата Св.Еразмо Охрид, каде се задржани на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од ПС ОН Струга.

СВР Скопје поднесе  кривична пријава против  М.Д. (23) од Сојник, Грамиш, Р.Албанија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. Пријавениот во точно неутврдено време од Р.Косово на непознат начин илегално влегол на територијата на Р.Македонија,  дошол во Скопје и извршил тешка кражба во експозитура на една банка во Скопје.  Кривичното дело го извршил на тој начин што со тврд предмет го искршил стаклото од влезната врата на експозитурата, влегол внатре и од еден од сеф касите на благајната одзел пет јутени бели вреќички со ситни пари во разни вредности, стекнувајќи се со противправна имотна корист од 13.930 денари,  а причинил материјална штета од 6.800 денари.

СВР Тетово поднесе кривична пријава, против лицето Ф.Б. (26) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „силување“. На 22.02.2017 година околу 05.00 часот  во с. Стримница, во домот  на С.Х.,  пријавениот преку незаклучена врата влегол во соба каде спиеле две сестри на возраст од 17 и 12. Веднаш потоа почнал да ја допира поголемата по телото, а на помалата и ја затворил устата да не вика. Пријавениот им се заканил на двете дека доколку викаат ќе ги избоде со нож и ќе ги силува. Во нивната соба се задржал до 06.00 часот, по што ја напуштил куќата. Против пријавениот е  распишан  централен распис затоа што ја напуштил територијата на Р.Македонија.  

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.Д. (62) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 22.09.2016 година околу 16.30 часот на ул. „474“, додека лицата А.Н. (24) и Ш.Н. (32), двајцата од с.Цветово, скопско, извршувале работни задачи - подземна инсталација, пријавениот почнал да ги посипува со бензин, а потоа извадил  и запалка од џебот,  ја запалил и се доближил до лицата со намера да ги запали, но истиот бил спречен.

ПС Крива Паланка  поднесе кривична пријава против Н.Ј. (22) од с.Градец, кривопаланечко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Од страна на полициски службеници извршен е претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени  4,68 грама марихуана, спакувана во пет полиетиленски пакувања и зипер кесичка со три семки од растението канабис сатива.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против лицето А.А.  (19) од с.Радиовце  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено држење на огнено оружје или распрскувачки материјали“.  На 21.10.2016 година, од страна на полициски службеници, извршен е претрес во дом и други помошни простории  кај пријавениот, при што се пронајдени и одземени 14 патрони од ловна муниција калибар 12 мм.  Во просториите на СВР Тетово пријавениот изјавил дека пронајдената муниција од ловна пушка биле од неговиот покоен дедо.