
Почитуван претседателе,
Почитувани пратеници,
Кога го велам ова „почитувани“, го мислам најискрено и од срце. Го велам со целосен респект кон институцијата, кон работата што ја вршите и кон граѓаните кои ве избраа и чии интереси ги застапувате.
Сепак почитта е нешто што се заслужува и не може да се генерализира. Најголемиот дел од вас, со својата предаденост кон работата и со своето однесување покажаа и докажаа дека заслужуваат да бидат пример и за граѓаните и за демократијата во Република Македонија.
За жал изминатиов период бевме сведоци дека не сите ја сфаќаат демократијата како борба на идеи, на визии и на аргументи. Напротив, неколкумина промовираа насилничкото, примитивно однесување, покажувајќи дека во нечии размислувања не само што интелектуалната дискусија има алтернатива, туку примената на брутална сила е супериорна во однос на примената на зборот.
За ваквите поединци ниту можам, ниту сакам да оддадам почит. Нивните визии за промоција на насилството како начин на дијалог, претставуваат срам за нив лично, но уште потрагично, претставуваат срам и за највисокиот законодавен дом. Физичките пресметки кои ги видовме се понижување и за граѓаните кои гласаа и за демократијата во Република Македонија која макотрпно ја градиме. Затоа ваквото однесување наместо почит, заслужува најостра осуда, бидејќи се друго може да се протолкува како охрабрување.
Една кинеска поговорка вели „поединецот кој прв ќе нападне, признава дека неговите аргументи и идеи се предале и ја загубиле битката“. Ценам дека е неопходно да се вложат сите напори за да се разбере ваквиот изблик на насилство кој ја фрапираше домашната и меѓународната јавност. Мора да се обидеме на површина да ги извадиме мотивите за примената на брутална сила за истиот срам да не го преживуваме одново. Сепак разбирањето на насилството не може и не смее да се претвори во барање на оправдување и одобрување. Верувам дека ќе се согласиме дека морално, етички, е недозволиво напад врз кого било, па дури и да се работи за полициски службеник кој ја извршува својата должност.
Затоа би сакала да се заблагодарам за оваа интерпелација, бидејќи ја гледам како уште една можност, овојпат и од собраниската говорница да ја кажеме вистината за инцидентот во кој полициски службеник беше насилно нападнат и попречен во извршувањето на неговите задачи. Интерпелацијата ја гледам како уште една можност пред домашната и меѓународната јавност да ги презентирам доказите кои повеќе од јасно покажуваат кој турка, кој влече, кој навредува и кој попречува извршување на службени задачи. Се надевам дека интерпелацијата ќе придонесе да се тргне и последната дамка, и последната нејаснотија околу тоа кои беа насилниците, а кој крајно професионално, присебно и одмерено си ја вршеше работата. Се надевам дека интерпелацијата ќе помогне да се расчистат и манипулациите дали некој, па дури и да се работи за пратеник, има право физички да нападне друго лице, без разлика дали станува збор за полициски службеник, припадник на спротивна политичка опција или медиум. Очекувам дека по оваа дискусија, јавноста конечно ќе знае дали законите важат за сите други граѓани, освен за некои пратеници кои можат да се однесуваат насилно, да напаѓаат, да се закануваат и да навредуваат без за тоа да сносат никаква одговорност. Очекувам дека по завршувањето и гласањето за интерпелацијата, целата дискусија ќе влијае на враќање на разумот. Верувам дека ќе проработи совеста и дека поединците кои го предизвикаа инцидентот ќе ја преземат одговорноста и ќе го увидат срамот кој и го нанесоа на демократијата во Република Македонија.
Во однос на наводите од интерпелацијата би започнала од најсериозните, оние кои се повикуваат на Уставот на Република Македонија. Во членовите 9 и 10 од Уставот, јасно е нагласено дека „животот на човекот е неприкосновен“ и дека „физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени“. Што можевме да видиме вечерта на први јули? Припадник на Одделот за обезбедување додека пред Собранието си ја извршуваше службената задача беше нападнат, туркан, влечен, му се закануваа и го навредуваа. Не можам да спорам дека пратениците можеби и не знаеле дека истиот веќе петнаесетина години работи во Министерството, но исто така не можам да не ги демантирам сите манипулации и обиди за оправдување на насилството кои им се сервираа на граѓаните.
Чувме дека пратениците имале безбедносни сертификати, чувме дека биле нападнати од мускулести вооружени момчиња, чувме дека бил извршен пуч во Собранието, чувме дека биле „тајно“ снимани, а тие што снимале биле жртви на мобинг и уште ред други бесмислици и манипулации кои кај сите познавачи единствено предизвикаа насмевки, но за жал кај мал дел од граѓаните можно е да предизвикаат и дилеми. Затоа би објаснила со неколку зборови.
Пратениците немаат овластување да легитимираат граѓани, дури и тие да носат камера во рака и да снимаат. Пратениците немаат овластување физички да напаѓаат и да се пресметуваат со некого, дури и да не знаат дали се работи за обичен граѓанин, партиски и политички неистомисленик или полицаец. Безбедносниот сертификат е документ кој служи за овозможување пристап до класифицирани информации.
Сепак првиот навод во образложението на интерпелацијата и како што се вели „директен повод“, цитирам „е пучот што Јанкулоска го направи врз парламентарната демократија“. Иако од самиот почеток е индикативно зошто пратениците молчеле за „таканаречениот пуч“ се до бруталниот напад врз полицискиот службеник, за секој лаик, кој би сакал посериозно да се информира околу овие обвинувања, доволно е да има пристап само до интернет и да провери макар некоја од дефинициите на пучот. Наједноставната дефиниција е дека се работи за насилна смена на власта во некоја држава со неуставни средства.
Денеска бев повикана и согласно законските обврски дојдов во собранието да го дадам својот отчет по доставената интерпелација. Можам да забележам дека станува збор за истиот состав кој непречено работи, а мнозинството и опозицијата ги немаат променето улогите. Истото го гледа целата јавност и сметам дека би било понижување натаму да дискутираме околу „најдиректниот повод“ односно „насилната промена на власта“ која според интерпелацијата била извршена на први јули. Затоа ценам дека обвинувањето кон мене и квалификациите дека сум пучист се само уште едно несреќно и срамно промовирање на говорот на омраза и симнување на нивото на демократската дискусија.
Што се однесува до „тајноста“ на снимањето, повторно почитта кон овој дом не ми дозволува да навлегувам во поширока дебата. Секаков коментар околу тоа колку е тајно едно снимање од човек висок преку 180 сантиметри кој стои на влезот во Собранието пред очите на пратениците, се плашам дека би можел да се сфати како потсмев или несериозен третман на институтот интерпелација. За тоа е доволно да се погледнат снимките и фотографиите. На нив јасно е видливо колку тајниот снимател е прикриен. Впрочем „тајниот“ снимател е истиот оној човек кој надворешно физички го обезбедуваше домот на поранешниот премиер Бучковски. На фотографиите јасно е видлива издржаноста на манипулациите кои имаше обид да бидат протнати во јавноста дека „дел од пратеничката група на СДСМ била нападната“ или дека на пратениците им било ограничувано движењето. Единствено што мене не ми е јасно, тоа е чувството на пратениците чии раце може да ги видиме на фотографијата како туркаат и влечат. Дали постои барем трошка жал и совест за тоа што се случи. Дали постои макар и најмала намера да се испрати извинување до човекот кој беше понижен. Дали постои минимум достоинство дури и по телефон да се разговара со неговото семејство и да им се објасни зошто нивниот близок се нашол во улога на жртва на безумно насилие.
Вољата да се прифати одговорноста е извор на себе почитувањето. Доколку постоеше барем малку воља, тогаш полициските службеници немаше да се прогласуваат за силеџии, вандали или дури и жртви на мобинг кои биле принудени на нешто. Доколку постоеше малку воља ќе запреа манипулациите во јавноста и ќе беше почитувана реакцијата на полицискиот синдикат кој најостро го осудуди нападот врз полицискиот службеник и инсистираше одговорните да сносат соодветни санкции, бидејќи според синдикатот, како што полициската значка не смее да биде заштита од одговорност, исто така и пратеничкиот имунитет не може и не смее да биде дозвола и амнестија за какво било вандалско однесување.
Во делот кој се однесува на инцидентот должна сум да се осврнам и на писмото до Претседателот на Собранието, кое со префинетиот, интелектуалниот и ненасилниот говор на СДСМ беше наречено како „забегано“. Во него дословно се вели „Министерството за внатрешни работи целосно го расчисти и документираше инцидентот кој се случи пред и во зградата на Собранието. Со нападот, влечењето, туркањето и попречувањето на службеното лице во извршувањето на неговите задачи, бевме сведоци на срамен вандализам од страна на неколку поединци, кој доколку остане несанкциониран ќе го загрози угледот на законодавниот дом“. До тука не верувам дека постои поединец кој нема да се согласи оти вандализмот беше срам за целото Собрание. Понатаму се вели „Од пишаните и видео материјалите јасно се гледа кој влече, кој турка, кој напаѓа, кој навредува и кој попречува извршување на службено дејствие. Нема никаква дилема кој е одговорен и кој се учествува во малтретирањето на службеното лице. Единствената дилема засега се мотивите на иницијаторите на инцидентот“. Јас би ве повикала и тука пред целата јавност да погледнеме заедно и да кажеме јасно чии се овие раце кои влечат и туркаат. Заедно веројатно би можеле да дадеме одговор и на дилемата околу мотивите на иницијаторите на инцидентот. Писмото продолжува со мислењето дека „Во моментов е најважно првин да се справиме со последиците и да им се докаже на насилниците дека таквото однесување е срамно, недолично и неприфатливо дури и на улица. Ако поминат неказнето, реален е стравот да продолжат со насилничко однесување. Реална е опасноста повторно со раце да ја делат сопствената „правда“ и сопствената „демократија“ во законодавниот дом, кога некого нема да препознаат или истиот нема да биде по нивен вкус. Впрочем дел од истите учесници во овој инцидент, во 2007 фрлаа со шишиња и брутално нападнаа три пратенички. На ваквото насилие мора да му застанеме на пат еднаш за секогаш. Пред се заради граѓаните и угледот на институциите и државата“. Повеќе од јасно е дека писмото не може да им се допадне на оние кои се препознаваат во него, но сигурна сум дека сите заедно немаме дилема дека ваквото насилие мора засекогаш да биде оставено во минатото.
Се вели дека доколку сакаме нашите деца да газат цврсто на земја, тогаш треба на нивните раменици да им се стави малку одговорност. Факт е дека имаше обиди барем делумно да се признае вината од некои функционери на СДСМ кои во колумни однесувањето на пратениците го карактеризираа како „малку нервозна реакција“, но тука се поставуваат и други прашања. Дали малку понервозна реакција е напад врз жена на паркинг од претседателски кандидат или напад врз колешки пратенички. Дали треба некој да биде сериозно повреден за некоја реакција да биде карактеризирана и осудена како недозволива, а не оправдана како „малку нервозна“. Одговорот на овој дел од интерпелацијата би го завршила со констатацијата дека се плашам каква порака се испраќа со обидите да се изнајде оправдување на очигледното насилно однесување и избегнувањето на одговорноста.
Што се однесува до остатокот од интерпелацијата, повторно заради почит кон институцијата, ќе се обидам да одговорам на наводите и покрај ризикот што сериозните напори да се реплицира на вакви паушални и апсурдни обвинувања може да делуваат несериозно. Ќе се обидам, но ќе замолам да не бидам погрешно разбрана, бидејќи тешко е да се одговори на апсурдни и неосновани обвинувања, а истото да не се разбере како спуштање на нивото на дискусија.
Како дополнителна причина за интерпелацијата се спомнува Законот за електронски комуникации. Доколку пратениците потпишани на оваа интерпелација само земаат плата од граѓаните и не доаѓаат на собраниските седници, можам да разберам, но не можам да се согласам со таквото однесување. Доколку потпишаните само земаат плата и доаѓаат на седниците без да знаат за што треба да расправаат, исто така, можам да разберам, но не можам да се согласам со таквото однесување. Но доколку потпишаните доаѓаат на седници, ги разбираат законите, а сепак се потпишуваат на вакви нелогични обвинувања, тогаш ниту можам да разберам, ниту можам да се согласам, бидејќи тоа остава впечаток на крајно неодговорно однесување и понижување и на институциите и на граѓаните. Не поминаа ниту три месеци од донесувањето на Законот од Собранието, а истите веќе заборавија дека тој ниту беше предложен и ниту изготвен од Министерството за внатрешни работи. Тоа е како за сегашниот рејтинг на СДСМ, пратеничката група да бара објаснување од Петковски, а не од Црвенковски.
Не помалку тажно е што потпишаните на интерпелацијата обвинуваат за масовна партизација во МВР. Тажно, бидејќи Законите за полиција и за внатрешни работи беа силно поздравени и пофалени од Европската Унија. Со нив за прв пат беше воведен системот на кариера и професионализмот во полицијата. За прв пат ќе се напредува или назадува согласно капацитетите и прикажаните резултати. Искрено не верувам дека потпишаните не ја знаат тежината и важноста на направените реформи, бидејќи истите беа услов и за визната либерализација и за добивање на препорака за датум за преговори. Не сакам да верувам ниту дека СДСМ свесно сака да ги блокира евроинтегративните процеси, иако гласаа против овие закони. Трагедијата е во тоа што потпишаните веројатно повторно се обидуваат да спасуваат нечија политичка кариера, за жал со манипулации и потценување на јавноста.
Кога сме веќе кај изнесените податоци за навониот раст на криминалот, можам дури и да преземам дел од одговорноста што ги немаме објавено аналитичките извештаи за изминатите десетина години. Би замолила за извинување, бидејќи се надевав дека СДСМ располага со релевантни информации за стапките на криминалитетот од 2002 до 2006 година за да не мора вака јавно да се објаснуваме и повторно да ризикуваме одмерувањето на фактите да изгледа како потсмев. Сепак би се обидела да одговорам. Доколку тргнеме од најсериозниот вид кривични дела, кои влијаат на перцепцијата на личната безбедност на граѓаните, односно убиствата, тогаш бројките велат дека во 2003-та година е регистриран неславен рекорд од 75 пријавени убиства, а слична тенденција продолжува и во наредните три години кога следствено имаме, 56, 53 и 51 убиство. Свесна сум за апетитите да се поентира дури и по цена на поигрување со чувствата за сигурност на граѓаните и со креирање паника со прогласување „црни недели“, но фактичката состојба вели дека во 2007 се случиле 42 убиства, а лани и преклани по 36 или за две години помалку од бројот на убиства во 2003 година. Според критериумите во интерпелацијата, тоа би требало да значи дека оваа власт успеала двојно да ја подобри безбедноста во однос на 2003. Доколку пак говориме за организиран или економски криминал би морала да се согласам дека има огромно зголемување. Факт е дека до смената на власта или воопшто не се водеше или се водеше фиктивна борба со организираниот криминал. За жал цената ја плаќавме сите. Замижувањето и амнестирањето на криминалот резултираше со бројни критики од сите релевантни меѓународни институции, а Транспаренси интернешнл не рангираше на мизерното 105-то место. Токму зголемувањето на откривачката функција и нултата толеранција придонесоа Македонија да се искачи за 35 места и да започне да добива позитивни извештаи. Точно е дека се соочивме со Пепел, Метастаза и голем број други случаи, но тоа што сега беа откриени не значи дека не биле правени во минатото.
Заради респект кон јавноста и заради опасноста граѓаните да помислат дека драстичната разлика во сегашните резултати на МВР е само разлика во перцепција помеѓу власта и опозицијата би цитирала неколку изјави. „Вашата земја во Австрија важи за многу безбедна држава“. Ова пред еден месец во Скопје го изјави австриската министерка за внатрешни работи и тешко е да се разбере што е тоа што потпишаните на интерпелацијата не го разбрале или не им одговара. „Се запознав со многу полиции во светот како од гледна точка на подготвеност, така и на професионализам. Според мене, македонската полиција е една од најдобрите во светот“. Ова не е моја изјава, ниту изјава на Премиерот, туку е изјава на австрискиот Директор за јавна безбедност. Зошто кој било македонец не би бил горд на ваквата констатација, туку би ја негирал останува да си објасни пред се себеси.
„Во сите области на политиката во делот на правда, слобода и безбедност, важни реформи беа преземени кон исполнување на одредниците утврдени во рамките на дијалогот за либерализација на визниот режим, кој беше завршен во мај 2009 година. Значителен напредок беше направен во визната политика. Добар напредок може да се забележи во деловите кои се однесуваат на азилот, борбата против организираниот криминал и наркотиците, како и во областа на надворешните граници и Шенген. Административниот капацитет за спроведување на реформа на полицијата е подобрен, а земјата има постигнато поголем степен на усогласување со acquis и за своите законодавни и административни капацитети. Се прават напори за дополнително подобрување на меѓународната полициска соработка на регионалните и нивоата на ЕУ, главно со ЕВРОПОЛ и Frontex. Генерално, подготовките во оваа област се на вистинскиот пат.“ Вака изгледа најпозитивниот извештај од Европската Комисија за работењето на МВР досега.
Кога нашите меѓународни партнери велат дека реформите во МВР се на вистинскиот пат, останува да се прашаме, на кој пат сакаат да не однесат потписниците на интерпелацијата. Се надеваме дека тоа не е патот на нерасчистените и намерно или ненамерно, неспречените атентати, мистериозните авионски несреќи, исчезнувањата на дроги од депоата, шверцот, октоподите и сите трагедии кои одбележаа еден поинаков систем на размислување и сфаќање на власта.
Ви благодарам.
|