Секторот за внатрешни работи Скопје изготви Оперативен план за постапување пред, за време и позвршувањето на фудбалскиот натпревар помеѓу Работнички и Ливерпул.
Мерките предвидуваат засилено полициско присуство во центарот на градот и фреквентните места, а започнаа да се применуваат уште денеска со пречек и асистенција при транспортот на гостинските навивачи кои организирано ќе пристигнат во земјава. Според првичните најави, би требало да допатуваат најмалку 1000 навивачи, но не е исклучено бројот да биде значително поголем.
Утре, на денот на натпреварот, полицијата ќе биде засилено распоредена во три обрачи и тоа: околу Арената „Филип Втори“, на кејот и во Градкиот Парк, а ќе има зголемено присуство и во ГТЦ, улица „Македонија“, Дебар Маало, Универзалната сала и пофреквентните места.
Ќе биде променет и сообраќајниот режим околу стадионот, односно ќе бидат пропуштани единствено службени возила. Затоа МВР апелира сите граѓани кои ќе одлучат да го проследат фудбалскиот натпревар возилата да ги паркираат на околните паркинг места.
|