Министерството за внатрешни работи најостро реагира и апелира да престанат политичките притисоци и дисквалификации врз полицијата и другите државни институции. Борбата за власт е легитимна, но не и во случај кога истата ја девалвира и уништува Република Македонија.
Точно е дека МВР не е истомисленик, ниту ги споделува истите идеали со Чочоровска, таканаречената Мадам Пепи или десетиците осомничени кои беа приведени во Акциите „Босфор“. Сепак истите не беа приведени, како што сакаат да прикажат политичките партии, заради тоа што се неистомисленици или нивни членови, туку заради основани сомненија дека сториле кривично дело недозволена трговија со наркотици.
Факт е дека МВР во овие 3,5 години заплени приближно 2,5 тони дрога со што Р. Македонија се профилираше во релевантен меѓународен партнер во борбата против ова зло.
Истото беше констатирано и во извештаите на Стејт Департментот и Европската Комисија која лани напорите на МВР ги оцени како „добар прогрес“ за разлика од 2006 и 2004 година кога беше констатиран „мал прогрес“.
За МВР и во иднина ќе бидат поприоритетни интересите на граѓаните, но и пофалбите и благодарниците од СЕКИ Центарот (26.03.2010) и Интерпол (01.04.2010), отколку мислењата на некои аналитичари дека не треба сите осомничени да бидат исто третирани во зависност од нивната политичка припадност (колумна – Утрински Весник - 22.07.2010 - за „најдената“ марихуана кај еден од поддржувачите на опозицијата – „Секоја умна и барем пристојно-демократска власт има доволно резон во постапувањето со опозиционерите да се однесува повнимателно одошто кон другите граѓани, особено за да не предизвика сомнеж за политички прогон.) |