
Единицата за борба против Компјутерски криминал при Одделот за организиран криминал при МВР на РМ до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против лицата Љ.Ѓ.(42) и И.Г.(32), и двајцата од Скопје, за сторени кривични дела – “Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“; “Изработка и употреба на лажна платежна картичка“ и “Соизвршителство“. Двајцата осомничени заедно со кривичната пријава и доказниот материјал се изведени пред надлежен Истражен судија, од чија страна им е изречена мерка притвор во времетраење од по 15 дена.
Двајцата пријавени, се товарат дека делата ги сториле на почетокот на месецов, при што набавиле опрема за прибавување на банкарски податоци за изработување на лажни платежни картички (скимери), како и уред за снимање на видео записи од ПИН кодовите од платежните картички и истиот неовластено го монтирале на банкомат на домашна банка во Скопје со цел да прибават податоци од вистински платежни картички и податоци за носителите - сопствениците на истите.
Пријавените по претходен договор, а со цел да прибираат податоци од платежни картички, на 08.07. во два наврати го монтирале уредот на банкомат во Скопје и околу 17:30 часот истиот ден при обид да го отстранат, односно да го подигнат уредот биле приведени од страна на припадници на Единицата.
Врз основа на Судски наредби извршени се претреси кај пријавените, во возилото кое го користеле и во домовите во кои живеат, и притоа во возилото е пронајден уредот за прибавување на банкарски податоци (скимер) и уредот за снимање на видео запис од ПИН кодовите од платежни картички, мемориски дел со приклучок, преносен компјутер, како и USB кабел со наменски направен конектор кој служи за поврзување на уредот со компјутер. Во домот на второпријавениот пронајдена е фалсификувана платежна картичка. Фалсификатот на платежната картичка се состои во тоа што на оригинална платежна картичка издадена од домашна банка на име на друг македонски државјанин на магнетната лента се вметнати податоци од платежна картичка во сопственост на странски државјанин.
Од извршеното исчитување на мемориските картички од пронајдените уреди за снимање на видео записи од ПИН кодовите и банкарски податоци од платежни картички утврдено е дека во временски период од околу четири часа додека уредот бил монтиран на него се снимени околу 100 записи од внесени ПИН кодови на тастатурата на банкоматите каде истите биле поставени
Инаку, во делот на компјутерски криминал, во првото полугодие од годинава регистрирани се 26 кривични дела извршени од вкупно 36 сторители и тоа 22 дела се „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ за што се пријавени 23 сторители, три дела се „изработка и употреба на лажна платежна картичка“ извршени од 11 сторители и едно дело „правење, набавување или отуѓување на средства за фалсификување“ извршено од двајца сторители.
Со фалсификувани платежни картички со податоци на странски државјани се извршени 17 дела, а 9 дела се извршени со кредитни картички со податоци на македонски државјани, при што сторителите се стекнале со вкупна противправна имотна корист од околу 18,7 милиони денари
Анализирајќи го начинот на извршување 11 од делата, сторителите ги извршиле со фалсификувани картички што ги употребиле на ПОС терминали инсталирани во нивни фирми или фирми на нивни пријатели, три дела сторителите ги озвршиле преку вршење трансакции на банкомати на домашни бакни, пет дела се извршени откако при згодна прилика се одземени платежни картички со истите од надворешни банкомати на наши банки подигале готовина, четири од делата се извршени на тој начин што откако сторителите на банкомати на домашна банка поставиле уред за снимање податоци од платежни картички, податоците ги вметнале на бланко пластични картички и со истите од банкомати извршиле повеќе успешни трансакции, едно дело е извршено со неовластено навлегување во компјутерскиот систем и зголемување банкарска гаранција на фирма со цел да се увезат разни видови стоки без да се платат царински давачки и едно дело е извршено со конфигурација (склоп) од компјутерски компоненти е спречено користење на интернет услугата за кое корисниците имале платено користење на бежичен интернет и едно дело е извршено со монтирање на уреди на банкомати од домашна банка за снимање на видео записи од пин кодовите со цел изработување на фалсификувани кредитни картици .
Според возрасната структура 18 од сторителите се на возраст од 20-30 години, 11 лица се возраст од 30-40, тројца на возраст од 50-60 години, двајца се на возраст од 40-50 и по еден на 18 и 19-годишна возраст, од нив 29 се мажи и седум жени, девет се бугарски државјани, додека останатите се македонски државјани. Шест од сторителите се во својство на управители, по еден е царински управник, овластен потписник, едно медицинско лице и вработена во продавница, додека останатите се невработени лица.
|