Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство во Велес поднесе кривична пријава против М.Л. (43), полицаец во ПС за БПС Велес а поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело - “злоупотреба на службената положба и овластување“.
Пријавениот, во својство на овластено службено лице-полицаец во ПС за БПС во СВР Велес, во периодот од април 2008 до јули 2009 година, ја злоупотребил службена положба и овластување со непревземање на службени дејствија што бил должен да ги превземе и во девет наврати за случени сообраќајни незгоди, постапил спротивно на одредбите (член 224 и 226) од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, пришто на учесниците во сообраќајните незгоди, сторители на прекршоци и кривични дела не им поднел соодветни поднесоци (прекршочна или кривична пријава). Со тоа им овозможил за сторените дела да не бидат соодветно санкционирани од надлежните органи.
Според документираните сознанија М.Л. во деветте случаи иако бил должен да изврши увид на лице место, потоа да изготви записник од извршениот увид како и да поднесе соодветни поднесоци против виновниците за случените сообраќајни незгоди, тој во сите случаи им овозможил на странките (учесници во сообраќајната незгода) меѓусебно да се договараат за надоместоците на причинетите материјални и нематеријални штети. За осум од случените сообраќајни незгоди, пријавениот изготвил службени белешки, во кои по превземените службени дејствија констатирал дека се случиле сообраќајни незгоди, од кои во четири сообраќајни незгоди има лица со здобиени телесни повреди, во три случаи биле управувани возила со странски регистарски таблички, а во еден случај возилата на учесниците во сообраќајните незгоди биле нерегистрирани. И покрај тоа што знаел дека согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е должен да изврши увид на лице место, од увидот да изготви записник, а за констатираните неправилности против сторителите да поднесе соодветни пријави, М.Л само изготвил службени белешки. Покрај ова, сообраќајните незгоди не ги евидентирал во Регистарот и Книгата за дневни настани во ПС Велес и против шест лица од Велес не поднел прекршочна пријава за сторени прекрошоци, а за две лица исто така од Велес не поднел кривични пријави за сторени кривични дела по член 297 од КЗ на РМ .
Во една од сообраќајните незгоди, М.Л., наместо да изврши увид на лице место, да изготви записник и против возачот да поднесе прекршочна пријава (управувал возило без да се стекне со право за управување), случајот никаде не го евидентирал и не изготвил службен материјал. |