Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

10.03.2013 Денес во МВР
Промовиран новиот Прирачник за полагање на тестови од возачкиот испит

“За прв пат после повеќе од 20 години, Министерството за внатрешни работи, во соработка со Министерството за образование и наука и Здружението на автошколи и инструктори на Република Македонија, изработи „Прирачник за полагање на возачки испит“. Нашите возачи, за прв пат во независна Македонија, добиваат соодветна литература која ги содржи сите информации и проблеми опфатени со теоретскиот дел од возачкиот испит“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешната промоција на „Прирачник за полагање на возачки испит“ во МВР.

Новиот Прирачник, како што нагласи министерката Јанкулоска, - “кој содржи 158 страници, во себе ги вклопува сите измени не само во Законот за сообраќај, туку и измените во законите за возила, за јавни патишта, за превоз во патниот сообраќај, за превоз на опасни материи, за работно време и задолжителни одмори на мобилните работници и возачите, како и низа други актуелни правилници. Тоа што е подеднакво важно, нуди и каталог на сообраќајни знаци кои секој возач може да ги види на едно место“.

Според Јанкулоска подигнувањето на нивото на знаења од областа на сообраќајот, како и познавањето на етиката и хуманите односи во сообраќајот, директно влијаат на севкупната безбедност на патиштата. И во таа насока овој прирачник, всушност претставува дел од мозаикот на мерки што ги презема МВР за подигнување на сообраќајната култура, со очекување дека во иднина ќе има уште поактивно развивање на соработката и координацијата со автошколите и испитните центри а во контекст на унапредување на сообраќајно-превентивната работа.

Исто така, Јанкулоска потенцираше дека покрај прирачникот составен од четири поглавја, и којшто ќе биде достапен преку официјалната веб страница на министерството, новина е и публикувањето (исто така преку www.moi.gov.mk) на верзиите на сите прашања за електронските тестови заедно и со точните одговори. “Имено, изминатиов период имавме низа барања од посетители на нашата интернет страница кои се пожалија дека симулаторот на тестот не им бил доволен за учење и дека им треба помош околу точните одговори на некои од прашањата. Згора на тоа, се проширија и шпекулации дека на кандидатите за идни возачи им се продавале некакви верзии со одговорени прашања од кои можеле да учат. За да ги елиминираме ваквите шпекулации и да им излеземе во пресрет на идните возачи кои сакаат да ги научат новите прашања, одлучивме да ја поставиме нивната верзија заедно со точните одговори“, рече Јанкулоска.

Инаку за сите категории се изготвени 1200 прашања, а во процес на подготовка се уште дополнителни 400 прашања. Со тоа бројот на комбинации кои може да бидат генерирани со тестот во моментот на полагање изнесува над 100 милиони и практично невозможно е нивно учење на напамет. Сепак имањето увид и во точните одговори може да биде од голема помош на кандидатите и да го подигне процентот на оние кои успешно го положуваат испитот. Од почетоткот на ноември минатата година кога беше промовиран новиот систем на електронско тестирање, досега се пријавиле 9884 кандидати, од кои само  околу 53 проценти, односно 5.232 кандидати го положиле испитот, за разлика од минатото кога процентот на успешност изнесуваше над 80 отсто.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk