Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

25.02.2012 Интегрирано гранично управување
Во текот на 2011 година значително зајакнати капацитетите на граничната полиција

Во рамките на интегрираното гранично управување, акцентот на активностите, во текот  на 2011 година, беше насочен нa обезбедување поволна безбедносна состојба на државната граница, во рамките на  откривањето и спречувањето на илегалното преминување на државната граница, ефикасна и брза контрола на граничните премини, како и активности на планот на откривање и сузбивање на криумчарење акцизни и друг вид стоки на граничните премини и на илегалните премини во близина на државната граница. Во областа на престојот на странски државјани беа преземани активности за навремено законско регулирање на престојот и делувањето на странските државјани во Р Македонија по разни основи, престојот на наши државјани во други држави како и активности за спречување на злоупотребата на безвизниот режим, од страна на македонски државјани

Од Оценската мисија на ЕК е констатирано дека македонската полиција е лидер во региониот во борбата против организираниот криминал, а исто така значително се  зајакнати капацитетите на граничната полиција во делот на управување со човечки ресурси, обуки, и материјално техничко опремување на граничните премини.

За одбележување се, потпишувањето на Билатералната спогодба за заедничко патролирање долж границата меѓу Р Македонија и Р Косово, како и Спогодба меѓу Владата на Р Македонија и Р Србија за условите за патување на државјаните на двете држави и Протокол за граничниот премин Голема Црцорија-Голеш, што овозможи олеснување на протокот на граѓани, од овој дел помеѓу двете држави и натамошно продлабочување на односите помеѓу двете држави. Во Белград, на Регионалната конференција на министри за внатрешни работи и за правда, на земјите од Југоисточна Европа, одржана на крајот на ноември потпишан е Билатерален Договор за полициска соработка, помеѓу министерствата за внатрешни работи на Р Македонија и Р Србија, со кој се опфатени повеќе меѓуинституционални соработки-размена на информации од областа на организираниот криминал, размена на полициски службеници од двете земји, за време на туристичката сезона, како и соработка за време на одржување на јавни настани со зголемен ризик и др.

Во рамките на основање и функционирање на заеднички контакт центри со соседните држави, во текот на оваа година беше ставен во функција Заедничкиот Контакт центар помеѓу бугарските и македонските погранични органи, а потпишан е и Договорот за основање и функционирање на Заедничкиот Контакт центар за полициска соработка меѓу Министерството за внатрешни работи на Р Македонија и Р Албанија, како и Протокол меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Србија за основање и функционирање на Зеднички Контакт Центар за полициска соработка. Со српските погранични органи потпишан е и Планот за реализација на заедничките патроли на државната граница.

Во рамките на реализацијата на Проектот ИПА 2008-Интегрирано гранично управување, завршена е предвидената реконструкција на полициските станици за надзор на државната граница и во употерба се ставени полициските станици Лабуништа, Чашка, Попова Шапка и Гошинце, а исто така реконструирани се и полициските станици Езерска контрола-Охрид, Франгово, Стрезимир, Стење, Џепиште.  

Протокот на патници и стока преку граничните премини во државата се одвиваше редовно и без застои, при што, се регистрирани вкупно  15.789.624 (14.147.476)  патници, од кои, 9.761.957 (8.641.160)  странски и 6.027.667 (5.506.316) македонски државјани, што претставува зголемување од 11,6%, во однос на минатата година. Притоа, влез во државата оствариле 5.563.795 (4.999.741) странски и 2.690.183 (2.480.547) македонски државјани, додека, излез од државата оствариле 4.198.162 (3.641.419) странски и 3.337.484 (3.025.769) македонски државјани.

Најголем број странски државјани, кои оствариле влез, односно излез од Р Македонија, во изминатиот период биле српските-2.116.516, потоа, грчките-2.728.214 , косовските-1.196.917, албанските-834.538 и други.

Од страна на надлежните полициски органи на граничните премини, по разни основи, не е дозволен влез во Р Македонија на вкупно 2.548 (3.514) странски државјани, најголем број на граничните премини на подрачјето на Регионалниот центар „Север“-1.129, потоа, на граничните премини на Регионалниот центар „Запад“-689, на граничните премини на Регионалниот центар „Југ“-423  и на граничните премини на Регионалниот центар „Исток“–307 странски државјани. Притоа, во најголем број случаи не им е дозволен влез во државата на албанските државјани -808, турските-303, косовските-274, бугарските-213, српските-145, грчките-99 и др.

Во истиот период, не е дозволен излез на 496 (613) странски државјани, од кои, на граничните премини на подрачјето на Регионалниот центар „Запад“-192, потоа, на подрачјето на Регионалниот центар „Север“-156, на подрачјето на Регионалниот центар „Југ“-102 и на граничните премини на подрачјето на Регионалниот центар „Исток“-46 странски државјани.

 

Во рамките на надлежностите на граничната полиција, по преземени мерки и активности за откривање и спречување на илегалните преминувања, регистрирани се 469 (1.101) мигранти, што претставува намалување за повеќе од два пати, во однос на минатата година. Најголем број илегалци се албанските државјани-216, македонските-74, авганистанските-57, косовските-37, пакистанските-23, српските-13, сомалиски и марокански по 11, ирачки и  бугарски по четворица, тројца палестински,  по двајца алжирски, британски, турски и по еден либиски, туниски, грчки, австриски, естонски, ирански, руски, босански, државјанин на Шри Ланка и едно лице без државјанство. На влез во Р Македонија откриени се 110 (258) лица, во обид да излезат од Р Македонија  99 (506) лицa, додека во внатрешноста на државата откриени се 260 (337) илегалци. Притоа, најголем број илегални преминувања се регистрирани на македонско-грчката граница-148 (521), потоа, на македонско-албанската-167 (342), македонско-косовската-102 (166), македонско-српската-37 (39) и македонско-бугарската граница 15 (33).

Поради остварен илегален влез од Р Македонија, од соседните погранични органи, вратени се 111 (114) лица, 53 македонски, 47 косовски, девет српски и двајца албански државјани, при што, најголем број илегалци се депортирани од грчките погранични органи. Од страна на македонските погранични служби присилно се отстранети 280 (930) странски државјани, 196 албански, 20 косовски, 19 авганистански, 11 српски, осум пакистански, седум грчки, четворица бугарски државјани и др.

Во врска со илегалната миграција, потребно е да се истакне дека и покрај нејзиното значително намалување, оваа појава и понатаму останува сериозен проблем за државата, особено поради мигрантите од афро-азиските држави, кои, по сместувањето во Прифатниот центар, најчесто бараат азил во државата.  За проблемот со овие илегални активности, од претставниците на ЕУЛЕКС се информирани тимовите за борба против илегалната миграција во Брисел, а за надминување на овој проблем од страна на ФРОНТЕКС се испратени тимови на турско-грчката граница, со цел да и помогнат на грчката гранична полиција во пресекување на каналите на илегалната миграција. Меѓутоа, овој проблем и понатаму е присутен и надополнет со непочитување на ратификуваниот  Меѓународен договорот за реадмисија, од страна на Р Грција, при депортирањето на овие лица од македонската погранична полиција.

Инаку, мотивите за илегалното преминување на албанските и македонските државјани се од економски причини, работење на „црно“ во Р Грција, а дел од албанските државјани остануваат во пограничните места, каде исто така работат на „црно“. Мигрантите од афро-азиските држави влегуваат во државата илегално минувајќи ја грчко-македонската граница, со цел да транзитираат до северната граница, откаде би заминале во некоја западно-европска држава, меѓутоа, голем дел од овие лица остануваат во државата и се сместени во Прифатниот центар во Скопје.

Во рамките на откривачката функција, од страна на на Регионалните центри „Север“, „Југ“ и „Запад“, поднесени се вкупно 190 кривични пријави, за  сторени 190 кривични дела, против 238 сторители, при што, најголем број сторени кривични дела се „фалсификување исправа“-132 и „криумчарење мигранти“-24 дела. Кривичните дела „криумчарење мигранти“ откриени се на подрачјата на регионалните центри „Југ“ и  „Север“, при што, се пријавени 32 македонски, двајца српски, еден пакистански државјанин, кои за паричен надомест, со патнички возила се обиделе да пренесат 30 авганистански,  17 пакистански, по 11 сомалиски и марокански, по четири ирачки и косовски, девет албански и двајца српски државјани, како и по еден алжирски, либиски и туниски државјанин. 

Од страна на Регионалниот центар „Исток“ откриени се 55 кривични дела, сторени од 11 сторители, од кои, најчесто е  кривичното дело „фалсификување исправа“-40 дела, а кривичните пријави се поднесени од страна надлежните полициски станици.

Во однос на престојот на странци во државата, издадени се вкупно 2.328 (2.651) дозволи за привремен престој на странски државјани, најчестo на членови на пoтесно семејство на државјани на Р Македонија-752,  потоа, по основ на вработување, работа или вршење самостојна дејност-618 дозволи, по основ на семејно обединување-602, по основ на школување или студирање-261 и др. Најголем број дозволи се издадени на турските државјани-538, на српските-279, на албанските-340, на косовските-201 и во помал број, на други странски државјани. Во државата престојувале и 319.515 (263.571) странски државјани, со престој до три месеци,  што претставува зголемување за 21,2%, во однос на минатата година, при што, најмногубројни биле српските државјани-50.112, потоа, грчките-37.758, турските-30.173 и други странски државјани. Странските државјани во државата најчесто престојувале како туристи-183.872 (131.990), што претставува пораст за скоро 40%, во однос на минатата година.

Поради разни незаконски активности,од страна на странски државјани, поднесени се 936 (970) прекршочни пријави, најмногу против српските државјани и  албанските-по 195, косовските-133, турските-102, најчесто поради сторени прекршоци од Законот за странци-714 (685), прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата-162 (193), прекршоци од Законот за  прекршоци против јавниот ред и мир-44 (48), по Законот за контрола на државната граница-12 (40), додека  по  останати закони се констатирани уште четири прекршоци.

Во текот на годината, поднесени се 151  (183) кривична пријава, против 180 (229) странски државјани, за сторени 172 (244) кривични дела. Инаку, најчести сторители се албанските-42, косовските-40, српските-29 државјани, а најмногу сторени кривични дела се „фалсификување исправа“-45, како и дела од областа на безбедноста на сообраќајот-39.

Во врска со имплементацијата на визната либерализација, Министерството за внатрешни работи континуирано преземаше активности за спречување на појавата на злоупотреба на визната либерализација, од страна на македонски државјани, кои по заминувањето во западно-европските држави аплицираат за баратели на азил, што доведе до укажување од ЕУ за можноста за враќање на визите за Р Македонија, доколку не се преземат соодветни активности за спречување на оваа појава.

Министерството за внатрешни работи, во соработка со претставници од Управата за јавни приходи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за труд и социјална политика и Државниот пазарен инспекторат презедоа мерки и активности за спречување на злоупотребата на безвизниот режим, при што, се ивршени 326 контроли, во 109 туристички агенции, 37 друштва за превоз на патници и 22 лица превозници. Притоа, преземени се мерки спрема осум туристички агенции, како и спрема 20 фирми што вршат превоз на патници, како и против 22 лица-превозници и досега од страна на МВР поднесени се две кривични пријави против четири лица за сторени три кривични дела, „фалсификување или уништување деловни книги“, „измама“ и „соизвршителство“.

Во рамки на превенцијата, Министерството за внатрешни работи преку Секторот за гранични работи и миграција и Одделенијата за превенција во Секторите за внатрешни работи, го реализира проектот „Стоп за злоупотреба на визната либерализација“, при што, се одржани се 182 средби, од кои 98 средби со Советодавните групи на граѓани, 44 трибини, 25 едукативни работилници во Месни заедници, шест средби со Невладини организации, по три средби со Локалниот совет за превенција, со Општините и со Месните заедници, за да се подигне јавната свест преку едукација на граѓаните за правилна употреба на безвизниот режим. Исто така, досега поделени се 5.170 флаери на македонски, албански и ромски јазик, со детални информации за безвизниот режим, како и 192 постери за Миграцискиот сервисен центар, а преку 25 локални телевизиски куќи, како и пет гостувања во Македонската телевизија и радио и преку електронските медиуми упатени се совети и апел за правилна употреба на безвизниот режим.

Во рамките на надлежностите на полициските службеници на граничните премини, во овј период не е дозволен излез од државата на вкупно 2.948 македонски државјани, при што, најчесто на лицата на кои не им е дозволен излез, непоседувале валидни гарантни писма, немале доволно парични средства, како и поради основано сомнение дека се потенцијални баратели на азил во западно-европските држави. Најголем број недозволен излез е регистриран на граничниот премин „Табановце“-патен-1817, потоа на „Блаце“-326, аеродромот „Александар Велики“-273, додека, најчести вратени лица се од Скопје-851, од подрачјето на Куманово-515, Битола-244, Прилеп-209, Штип-198, Тетово-158, Струмица-130 и др.

Преземените активности дадоа позитивен тренд во намалувањето на бројот на лажни азиланти, што беше констатирано и од страна на директорот на Директоратот за проширување при Европската Комисија, кој истакна дека механизмот за позитивниот аспект на намалувањето на бројот на азилантите треба да продолжи и понатаму.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk